Вработените во ДИЦ бараат зголемување на платите – почнаа генерален штрајк

Дваесет и девет вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ) од вчера се во генерален штрајк зашто не добиле согласност од Министерството за финансии на нивното барање за зголемување на платите односно изменување и дополнување на колективниот договор.

Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ, кажа дека речиси половина од 29-те вработени во ДИЦ, т.е. 11, примаат минимална плата од 20 100 денари. Таа апелираше побрзо да се реши нивното барање за да не заглават, како што рече, процесите кои се во нивна надлежност. Доколку штрајкот продолжи повеќе од една недела, ќе биде доведено во прашање и претстојното полагање државна матура.

Основната плата на советниците во ДИЦ е, рече, 26 000 денари. Се обратиле до Министерство за финансии со измена на колективен договор бидејќи земаат плата преку поединечен колективен помеѓу работодавач и вработени. 

Со измената што ја направивме се обидовме да ја внесеме минималната плата во тој колективен, тоа е тоа што ни недостасуваше, и се уште не добивме позитивен одговор,  согласност за покачување на платите. Кога би влегла минималната плата, би имале линеарно покачување на платите коишто досега не го добивме“, кажа Бошковска.

На прашање колкаво покачување бараат, одговори дека износот не е фиксен, но не смее да биде помалку од 30 проценти. Измените во колективниот договор за кои бараат согласност се за да се добие разликата во платите помеѓу работните позиции бидејќи со порастот на минималната плата тие се изедначиле.

Платите наши беа заборавени, со покачување на минималната плата веќе двапати, се покачија само на тие со најниска позиција. А ние сме основата т.е. стожерот на еден куп процеси кои се случуваат во образованието, меѓу кои е матурата, меѓународните тестирања кои се спроведуваат во моментов, обуката и испитот за директори на училишта, приправничките испити за сите наставници. Значи, обемот на работа е многу зголемен, а дојдовме во ситуација во која вработените не можат да преживеат со оглед на поскапувањата. Наставниците одамна добија покачувања. Ние сме тие коишто имаме некоја улога многу посериозна од тоа колку не цени Владата“, вели Бошковска додавајќи дека во минатите години не добиле ни регрес за годишен одмор.

Штрајкот ќе продолжи и сите процеси коишто се во надлежност на ДИЦ, кажа таа, ќе бидат стопирани, а доколку трае повеќе од една недела ќе биде во прашање и полагањето државна матура која почнува на 27. мај.  

Затоа се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме позитивен одговор, бидејќи не е само државната матура. Навистина има процеси коишто се врзани со рокови, но навистина станува збор за сензитивна работа. Овие вработени се во клучни процеси, секој од нив е битен и битно е да биде стимулиран, да добиеме надомест за достоинствен живот, истакна претседателката на синдикалната организација на ДИЦ која немала контакт со МОН ниту официјален одговор од Финансии“.

Синдикалната организација на ДИЦ е формирана од почетокот на оваа година и членува во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Поддршка на нивниот штрајк добија и од Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиските дејности на Македонија и член на Претседателството на ССМ. Тој кажа дека уште од септември минатата година, кога се покачила минималната плата, вработените во ДИЦ не добиле ниту линеарно покачување.

Сега, со последново покачување, тие останаа без никакво покачување и од тогаш се бараат начини како да им се помогне. За жал, до денеска Владата, и покрај сите нејзини ветувања, не најде сила да излезе во пресрет на нивните барања“, изјави Селовски и апелираше барем линеарно да се зголемат платите во ДИЦ за, како што кажа, да не дојде до револт што може да предизвика огромни последици.