Германија им дава по 200 евра на студентите за покривање на зголемените сметки за енергија

– Студентите во Германија денеска можат да побараат паушална помош од 200 евра за покривање на зголемените сметки за енергија. 

„Обработката на барањата и плаќањата треба да се изврши многу брзо преку автоматизиран процес“, изјави германската министерка за образование Бетина Старк-Ватцингер. 

Право да добијат еднократен грант имаат сите лица кои на 1 декември 2022 година биле запишани на некој од германските универзитети или колеџи и имале регистрирано живеалиште во Германија. 

Здруженијата на германски студенти го критикуваа доцнењето на исплатата на помошта со оглед на тоа дека грејната сезона е при крај. Потоа беше критикуван фактот што веб-страницата преку која студентите треба да поднесат барање набрзо по нејзиното отворање, поради преоптоварување, повеќе не беше достапна. 

Претставникот на демохристијанската опозиција задолжен за прашањата за образование, Томас Јарзомбек (ЦДУ) проблемите со интернет платформата ги нарече „катастрофа“. 

Минатата година германската Влада донесе одлука за три пакети мерки со вкупна вредност од 100 милијарди евра, со цел да се растоварат граѓаните кои се соочуваат со драстично поскапување на енергенсите.