Германија и ЕК се договорија за моторите со внатрешно согорување

Германската влада постигна договор со Европската комисија во спорот околу забраната за производство на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување, соопштија денеска претставници од двете страни.

Спорот меѓу Берлин и Брисел околу договореното постепено укинување на ваквите автомобили се фокусираше на тоа дали производителите и понатаму ќе можат да произведуваат возила што ќе користат т.н. е-горива по 2035 година.

„Постигнавме договор со Германија во врска со идната употреба на е-гориво во автомобилите“, напиша на Твитер потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс. „Сега ќе работиме заедно за да ги усвоиме стандардите за јаглерод диоксид за регулација на автомобилите што е можно побрзо, а Комисијата потоа брзо ќе ги преземе потребните правни чекори“, додаде тој.

Германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг, кој се залагаше за промена, напиша дека „возилата со мотори со внатрешно согорување сè уште може да се пререгистрираат по 2035 година доколку се полнат исклучиво со CO2 неутрални горива. – Европа останува технолошки неутрална, додаде тој.

Напредокот во преговорите се случи синоќа, информираше Висинг. Договорот следи по голем број разговори во текот на изминатата недела, вклучително и на самитот на ЕУ во четвртокот и петокот. Говорејќи вчера попладне, Висинг рече дека „конечните правни прашања допрва треба да се разјаснат“.

Октомврискиот договор со ЕУ за дозволување само автомобили со нулта емисија на штетни гасови по 2035 година беше ставен во мирување откако Германија во последен момент изнесе приговори и изврши притисок за дополнителни барања.