ГЕРМАНИЈА СЕ ТРЕСЕ ОД НАЈГОЛЕМИОТ ШТРАЈК ВО ПОСЛЕДНИТЕ 30 ГОДИНИ: Од полноќ застана се – возови, авиони, градски превоз, хаос во најава!

На полноќ меѓу недела и понеделник, во Германија речиси сè ќе престане – возовите воопшто нема да сообраќаат, ќе работи само аеродромот во Берлин, а треба да запре и јавниот превоз во седум од 16-те држави, објави денеска Дојче веле, објавувајќи го најголемиот штрајк во таа земја во изминатите 30 години.

„Предупредувачкиот“ штрајк го организираат Синдикатот на железничарите и транспортните работници (ЕВГ) и Синдикатот на услуги Верди.

Бараат повисоки плати поради поскапувањата, како и подобри услови за работа на околу 2,7 милиони вработени во јавниот сектор и транспортните дејности, а во понеделник почнува нова рунда преговори со властите.

Верди бара 10,5 отсто повеќе за јавните службеници, чии плати се еднакви на платите на многу вработени на аеродромите или во јавниот превоз, но минималното зголемување да биде 500 евра месечно бруто.

Одбиена е понудата на работодавачот покачувањето да изнесува пет отсто во два чекори, а да бидат еднократно исплатени 2.500 евра.

Слична понуда до синдикатот ЕВГ понудиле Германските железници и уште педесетина железнички компании, а синдикатот ја одбил барајќи 12,5 отсто поголема плата и најмалку 650 евра месечно.

Претседателката на здружението на општински и градски работодавачи, Карин Велге, во весникот Билд го критикуваше обемот на штрајкот, наведувајќи дека тој е прекумерен и не само што му штети на угледот на јавниот превоз, туку и на целокупниот углед на Германија како економска локација која е фокусирана на мобилноста.

Шефот на синдикатот Верди, Франк Вернеке, ѝ одговорил дека е подобро ништо да не се помрдне во Германија еден ден и потоа да се постигне прифатлива понуда, отколку да пропадне и потоа борбата за работничките права да се одолговлекува со недели. додека граѓаните ќе бидат уште многу посериозно погодени.

Штрајкот беше најавен доволно рано за сите да се прилагодат, рече Вернеке, укажувајќи дека нема да има штрајк за време на велигденските празници.

Најавено е дека штрајкот ќе трае точно еден ден, а од вторник се ќе се нормализира, јави ДВ.