Германија: Штрајковите предизвикаа нарушување на авиосообраќајот на аеродромите во Хамбург и Минхен

Патниците се советуваат да го проверат статусот на летот во авиокомпанијата пред да тргнат кон аеродромите.

 Германските власти денес предупредија на откажувања на летови од аеродромите во Хамбург и Минхен поради штрајкот на аеродромскиот персонал, јавува Анадолу.

„Полудневниот штрајк на персоналот на обезбедувањето на аеродромот во Минхен започна во 8 часот по средноевропско време“, се вели во соопштението на синдикатот Ver.di.

Операторот на аеродромот ги замоли патниците да го проверат моменталниот статус на својот лет во авиокомпанијата пред да тргнат кон аеродромот. Патниците се советуваат да патуваат со намален и лесен рачен багаж.

Во соопштението се наведува дека во текот на штрајкот најверојатно нема да биде можно опслужување на патниците.

Од аеродромот во Хамбург соопштија дека штрајкот веројатно ќе предизвика доцнења и долги редици, но ќе се обидат распоредот на летовите да го одржат со минимални поместувања.

На аеродромот во Хамбург поради несогласувањата околу висината на платата и условите на работа, еднодневен штрајк одржуваат вработените во одржувањето, контролата при качувањето во авионите и ИТ-секторот.

Синдикатот Ver.di овој месец започна со серија штрајкови откако втората рунда на колективни преговори со Владата и локалната власт заврши без договор.

Овој синдикат, кој го претставуваат 2,5 милиони работници во јавниот сектор, бара зголемување на платата за 10,5 отсто, не помалку од 500 евра, поради високата инфлација и зголемувањето на животните трошоци.

Се очекува новата рунда преговори да започне идната недела.