Германскиот канцелар Шолц на четиридневна турнеја низ Јужна Америка

– Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска заминува на четиридневна турнеја низ Јужна Америка. Тој ќе ги посети Аргентина, Чиле и Бразил. Ова е негова прва посета на регионот откако е на чело на германската Влада од крајот на 2021 година, јави ДПА.

Првата станица на социјалдемократот е Аргентина, утре ќе оди во Чиле, а потоа во дводневна посета на Бразил – најголемата и најнаселена земја на континентот. Сите три земји во моментов се предводени од левичарски лидери.

Канцеларот сака да ги прошири меѓународните контакти на Германија и да ја намали нејзината енергетска зависност од Русија по нејзината инвазија на Украина. Поради ова, Шолц трипати беше во Азија и имаше голема турнеја низ Африка.

Јужна Америка има големи наоѓалишта на суровини, вклучувајќи го и литиумот, кој е важен елемент за производство на електрични возила. Европа се бори да ја намали својата зависност од Кина за клучните минерали за да ја постигне толку посакуваната јаглеродно неутрална економија – минерали со кои континентот е богат.

Канцеларот е придружуван од бизнис делегација од десетина менаџери.

Посетата ќе се фокусира и на закочените преговори за слободна трговија со земјите на Меркосур, меѓу кои се и Аргентина и Бразил. Овие две земји се членки и на Г-20, унијата на 20-те најголеми светски економии.