Големи земјотреси што го потресоа светот

Секоја година низ светот се случуваат околу 500.000 големи и мали земјтореси, од кои околу 100.000 се почувствувани, додека 100 од нив предизвикуваат штета.

Земјотресите се поделени во три категории според нивното формирање: тектонски, вулкански и колапс. Тектонските потреси се издвојуваат како најразорен тип земјотрес по интензитет и јачина. 10-те најсилни земјотреси во историјата на светот се случија во Јужна Америка и азиско-пацифичките земји. Пацифичкиот појас на земјотреси, наречен како „огнен прстен“, е сведок на 90 отсто од сите земјотреси во светот и на околу 80 отсто од големите земјотреси.

Пацифичкиот појас на земјотреси е најинтензивниот тектонски сеизмички појас во светот.

Во земјотресот што траеше најдолго, животот го загубија 230.000 луѓе

Најдолгиот земјотрес некогаш регистриран се случил на 26 декември 2004 година во Суматра, Индонезија. 230.000 луѓе загинаа во земјотресот со јачина од 9,1 степен. Тресењето траело помеѓу 8,3 и 10 минути.

Високите џиновски бранови што настанаа како последица на земјотресот, зафатија 14 земји на северот од Азија и источниот дел на Африка, како и Индонезија. Во катастрофата, што се смета за една од природните катастрофи кои предизвикаа најмногу смртни случаи, 1 милион 700 илјади луѓе останаа без покрив над главата поради земјотресот и цунамито.

Земјотреси во Туркије

Разорни земјотреси се случија и во Туркије, која се наоѓа на Алпско-хималајскиот појас, кој е еден од активните сеизмички појаси во светот.

Најтешкиот од нив се случил на 26 декември 1939 година во Ерзинџан. 33.000 лица го загубија животот во земјотресот со јачина од 7,8 степени.

Како резултат на земјотресот, што се случи на длабочина од 20 километри и траеше 52 секунди, беа уништени повеќе од 100.000 згради, вклучително и згради на јавни институции, како училишта и болници.

Уште еден разорен земјотрес во Туркије се случи на 17 август 1999 година. Земјотресот беше со јачина од 7,4 степени, чиј епицентар беше во областа Ѓолџук во Коџаели и беше почувствуван и во северозападниот дел на земјата. Овој земјотрес предизвика големи разурнувања особено во областите Истанбул, Коџаели, Сакарија и Јалова.

Повеќе од 17 илјади луѓе ги загубија животите во земјотресот, а 500 илјади луѓе останаа без покрив над главата.

Туркије ја доживува најголемата катастрофа од 1939 година

Двата земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени, што се случија на 6 февруари во Кахраманмараш, погодија 11 области во Туркије. Според последните проценки, животот го загубиле 45.089 лица како резултат на овие земјотреси.

Меѓу другото, земјотресите биле силно почувствувани и во Египет, Либан, Турската Република Северен Кипар, грчката администрација на Јужен Кипар, Сирија и во Ирак.

По овие земјотреси, на 20 февруари се случија и два земјотреси во областа Хатај, со јачина од 6,4 и 5,8 степени. Исто така, на 27 февруари во Малатија се случи последователен земјотрес со јачина од 5,6 степени.

Според последните информации, по земјотресот се случиле вкупно 11.020 последователни потреси.

Бројни згради се срушија како резултат на овие земјотреси, кои турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги опиша како „најголема катастрофа по земјотресот во 1939 година во Ерзинџан“.

Земјотресот и цунамито во Јапонија одзедоа 19.000 животи

На 11 март 2011 година, земјотрес со јачина од 9 степени го погоди регионот Тохоку во Јапонија. По земјотресот кој создаде фрактура од 1 километар на океанското дно, се случи цунами на североисточниот брег на земјата.

Како последица на земјотресот и цунамито што следуваше по него, загинаа 19.000 лица. Исто така, се случи истекување во нуклеарната централа Фукушима.

Земјотресот со јачина од 7,5 степени и последователното цунами што го погодија островот Сулавеси во Индонезија во 2018 година влегоа во историјата како една од најголемите катастрофи во последниве години. Земјотресот и цунамито предизвикаа смрт на повеќе од 4.300 луѓе.

1.655 лица загинаа во најсилниот земјотрес во историјата на светот

Најсилниот земјотрес во историјата на светот се случи во Чиле на 22 мај 1960 година. Како резултат на земјотресот со јачина од 9,5 степени, кој бил почувствуван на површина од приближно 1.000 километри, загинаа 1.655 лица, 3.000 лица беа повредени, додека 2 милиони лица останаа без покрив над главата.

Цунамито, кое беше предизвикано од земјотресот што предизвика штета од 550 милиони долари во земјата, се прошири на површина од 10 илјади километри и стигна до Хаваите, Јапонија и Филипините. Поради огромните бранови, смртно настрадаа 61 лице на Хаваи, 138 лица во Јапонија и 32 лица на Филипините.

Најсилните земјотреси во светот

Земјотресот во Алјаска, што беше регистриран како втор најсилен земјотрес, се случи на 28 март 1964 година. Земјотресот со јачина од 9,2 степени траеше три минути, при што беше предизвикано цунами. Потресот и огромните бранови што следуваа, предизвикаа смрт на 128 луѓе, а предизвикаа штета од приближно 310 милиони долари.

Додека се санираа раните од разорниот земјотрес со јачина од 9,1 степен што се случи на островот Суматра во северозападна Индонезија во декември 2004 година, регионот беше потресен од земјотрес со јачина од 8,6 степени, на длабочина од 30 километри, околу 3 месеци подоцна (28 март 2005 година). Повеќе од 1.400 лица ги загубија животите во катастрофата, а стотици лица беа повредени поради цунамито предизвикано од земјотресот.

Земјотресот со јачина од 9 степени што го погоди полуостровот Камчатка во источна Русија на 4 ноември 1952 година е меѓу најголемите земјотреси регистрирани од 1900 година. Брановите високи 9 метри, што настанале како последица на земјотресот кој не предизвикал човечки загуби, стигнале и до Хаваите.

На 31 јануари 1906 година, земјотрес со јачина од 8,8 степени ги погоди бреговите на Еквадор и Колумбија. Во земјотресот загинаа речиси 1.000 лица. Цунамито што се случи по земјотресот го премина океанот и стигна до Јапонија.

Повеќе од 500 луѓе ги загубија животите, а илјадници беа повредени во земјотресот со јачина од 8,8 степени што се случи на 27 февруари 2010 година во Чиле. Покрај Чиле, од цунамито што се случи по земјотресот беа погодени земјите од Латинска Америка како Перу, Еквадор, Колумбија, Костарика и Панама. Земјотресот, кој предизвика штета од 30 милијарди долари, погоди 1,8 милиони лица, а повеќе од 500 илјади куќи беа оштетени.

Земјотресот со јачина од 8,7 степени што се случи на 4 февруари 1965 година кај островите Рет во Алјаска, предизвика цунами високо 10 метри. Во земјотресот немаше човечки загуби, а беше предизвикана мала материјална штета.

Најмалку 1.500 лица загинаа во земјотресот со јачина од 8,6 степени што го погоди Тибет на 15 август 1950 година. Земјотресот, кој погоди и многу градови во Кина и Индија, предизвика свлечиштa. Како резултат на тоа, стотици згради беа оштетени.

87.000 лица ги загубија животите или исчезнаа во земјотресот со јачина од 7,9 степени што се случи во 2008 година во Сичуан, Кина. Во земјотресот беа повредени 370.000 лица.

Во земјотресот со јачина од 7,6 степени што го погоди Пакистан на 8 октомври 2005 година, животот го загубија околу 75.000 лица.

316.000 лица загинаа, а 300.000 се повредени во земјотресот со јачина од 7 степени што се случи на 12 јануари 2010 година во Порт о Пренс, главниот град на Хаити. 11 години подоцна, на 14 август 2021 година, земјотрес со јачина од 7,2 степени се почувствува во близина на брегот на Хаити, во кој загинаа околу 2.500 лица, повеќе од 12.000 лица беа повредени, а илјадници преживеани останаа без покрив над главата.

Раседни линии и плочи

Енергијата акумулирана со истегнување и компресија како резултат на движењата на плочите што ја формираат земјината кора, се појавува со текот на времето. Овој подвижен дел во земјината кора се нарекува „расед“.

Движењата што се случуваат на пукнатините на земјината кора, нарекувани како „расед“, ги сочинуваат речиси сите земјотреси во светот.

Најинтензивниот тектонски сеизмички појас во светот го сочинува Пацифичкиот појас на земјотреси, каде што се случуваат 80 отсто од големите земјотреси во светот.

Најважните континентални плочи се Северноамериканската плоча, Јужноамериканската плоча, Африканската плоча, Арапската плоча, Евроазиската плоча, Анадолската плоча, Бизмарковата плоча, Индо-австралиската плоча и Антарктичката плоча.

Плочата „Хуан де Фука“, Пацифичката плоча, плочата „Наска“, Шкотската плоча, Плочата „Кокос“, Карипската плоча, Филипинската плоча, плочата „Фиџи“ и плочата „Каролина“ се исто така познати како големи океански плочи.

Иако некои раседи се многу тенки и незабележителни, раседот Сан Андреас во Калифорнија и Анадолскиот расед во Туркије се долги стотици километри.

Раседот Сан Андреас, кој е најдолгиот расед во светот, се наоѓа помеѓу пацифичките и северноамериканските плочи.

„Огнениот прстен“, кој ги опфаќа Јапонија, Чиле, Мексико, Перу и Нов Зеланд, исто така е регион подложен на земјотреси и вулкански ерупции.

Раседните линии во Туркије

На Анадолската плоча во Туркије, се наоѓа една од најактивните раседни линии во светот.

Анадолската плоча на која се наоѓаа Северноанадолската, Источноанадолската и Западноанадолската раседна линија, се наоѓа меѓу Евроазиската, Африканската и Арапската плоча.

Дел од најразорните земјотреси во историјата се случија како резултат на движењата на оваа раседна линија.

TRT Balkan