Голем интерес за Крушево на Саемот за туризам во Белград

Штандот на Крушево и Елбасан на Саемот за туризам во Белград, Србија, што се одржа од 23 до 26 февруари привлече голем интерес кај посетителите на Саемот. Крушево станува се попривлечна дестинација, а заедно со угостителскиот сектор се овозможува поефикасна промоција на дестинацијата во меѓународни рамки.

На Саемот за туризам во Белград, покрај општина Крушево како дестинација, поединечно се претставија и дел од угостителските објекти кои покажаа интерес за учество. Штандот на проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ овозможи претставување на двете дестинации.

Проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ се имплементира во рамките на програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија, инструмент за пред пристапна поддршка (ИПА 2 од 2018 – 2020).

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, целите на проектот се исполнуваат.

– Саемот го посетуваме веќе неколку години по ред, а оваа година во рамките на проектот со општина Елбасан од Албанија. Интересот е особено зголемен оваа година и сметам дека целите на проектот се исполнуваат. На саемот покрај претставувањето на Крушево и неговите туристички потенцијали, посетителите на штандот се информираа за многубројните параглајдинг натпревари меѓу кое е и Светското првенство во змејарство, но и за тоа што нуди угостителскиот сектор, вели Христоски.

Во рамки на проектот, Крушево изгради паркинг, постави мерни станици за квалитеот на воздухот, а дополнително ќе се оспособи и „даунхил“ патека заедно со лед-осветлување и поставување урбана опрема на полетувалиштето за параглајдинг. Кај партнерот Елбасан се работи на изградба на полетувалиште за параглајдинг и туристички инфо-центар.  Вредноста на проектот изнесува 740 000 евра.