ГО ФРЛИЛЕ НА ЗЕМЈА – Поранешниот грчки министер за финансии напад пред елитен ресторан во Атина: Маскирани лица го боксувале и шутирале

Група маскирани напаѓачи пред ресторан во анархичен кварт на грчката престолнина Атина го нападнаа и претепаа поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис во петокот вечерта. Му била укажана докторска помош во болница, каде било откриено дека има скршеница на носот.

Пратеникот од левичарската опозиција најпрвин бил навредуван од група од дваесетина луѓе надвор од ресторанот каде што вечерал со приврзаниците на неговата партија Мерка 25. Јанис Варуфакис потоа отишол до влезот на ресторанот да разговара со нив, но бил нападнат од неколку маскирани лица кои го фрлиле на земја, го удирале со клоци и тупаници по лицето.

По нападот, Варуфакис бил пренесен во болница, каде му била констатирана скршеница на носот.

Варуфакис на социјалната мрежа Твитер изрази благодарност за солидарноста што ја добил по нападот. Но, тој ги негираше информациите дека напаѓачите биле автономисти, анархисти или левичари. Според него, тие претходно биле ангажирани насилници кои го обвинувале дека ја продавал Грција на странски земји за време на должничката криза во 2015 година, кога тој беше министер за финансии.

Неговата партија го нарече нападот „дрзок фашистички напад од провокативни насилници“. Владиниот портпарол Јанис Економо го осуди инцидентот и увери дека полицијата ќе направи се за да ги изведе одговорните пред лицето на правдата.

Квартот Егзархија, каде што беше нападнат Варуфакис, е познат како седиште на анархистичките движења во главниот град. Тој и во минатото беше жртва на сличен напад пред истиот ресторан во 2015 година.