Град Скопје испрати противпожарна екипа за спасувачките акции во Туркије

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, информираше дека испратиле екипа на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп, Туркије, каде ќе биде ставена на целосно располагање на турските власти.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, информираше дека испратиле екипа на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп, Туркије, каде ќе биде ставена на целосно располагање на турските власти за сите потреби на спасувачката акција.

Арсовска го потврди ова преку објава на социјалните мрежи.

„Како првична и интервентна мерка Градот Скопје испрати екипа на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп, каде ќе биде ставена на целосно располагање на турските власти за сите потреби на спасувачката акција“, напиша Арсовска.

Таа информира дека на утрешната седница на Советот на Град Скопје предложиле и точка на дневен ред за одобрување на 6 милиони денари првична хуманитарна помош за Туркије и Сирија.

„Во контакт сме и со локалните власти од Газиантеп, и сè што ќе произлезе како потреба на тамошните власти, Градот Скопје го става на располагање“, рече таа.

„Скопје знае што значи солидарност. Скопје е град на солидарноста“, додаде Арсовска.