Грузискиот Парламент и официјално го отфрли предлог законот за „странски агенти“

Грузискиот Парламент денеска го отфрли предлог законот за „странски агенти“ што предизвика политичка криза и се закануваше да ја спречи кавкаската држава да изгради поблиски врски со Европа.

На собраниската седница, 35 пратеници, од вкупно 36 што гласаа, на второ читање го отфрлија текстот што беше прифатен на првото читање во понеделникот, што доведе до бран протести и низа осуди од Западот.

Грузиската владејачка партија Грузиски сон вчера соопшти дека се откажува од нацрт-законот за „странски агенти“ по насилните протести против, како што велат противниците, авторитарниот пресврт инспириран од Русија што ги загрозува надежите на земјата за влез во Европската унија. И покрај најавата, илјадници луѓе синоќа повторно излегоа на улиците на Тбилиси.

Предложениот закон ќе ги принудеше сите грузиски организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од својот приход од странство да се регистрираат како „странски агенти“, во спротивно ќе бидат казнети.

Демонстрантите вчера повикаа да се одржи седница на парламентот на која вистински би се повлекол законот што го помина првото читање.

Грузија, поранешна советска република, официјално сака да се приклучи на Европската унија и НАТО.