Дали Африм го фрли Гаши под автобус: Лидерот на Алтернатива шутираше пенал и промаши празен гол!? Алтернатива излегува од власта

На вечерашната прес конференција во Тетово, лидерот на партијата Алтернатива, Африм Гаши објави дека партијата и нејзините четири пратеници одат во опозиција и дека не го прифаќаат понижувачкиот однос што кон нив го има премиерот, Димитар Ковачевски.

На прв поглед лоша проценка на СДСМ, преговараа два месеци со АА, партија која има седум пратеници со цел да го зголемат парламентарното мнозинство, а на друга страна губат четири пратеници од Алтернатива и слободниот стрелец, Кастриот Реџепи од Беса кој лани ја спаси власта од одење во опозиција.

Првата промоција на Димитар Ковачевски, како иден лидер на СДСМ и премиер на владата, беше на тие преговори на екс лидерот и премиер, Зоран Заев со Алтернатива и Африм Гаши. Сега Ковачевски, го затвора едногодишниот круг во Монца со Алтернатива надвор од власта. Плус со оставена отворена врата Кастриот Реџепи да седи на масата со огнените момци од ДУИ. Со Павле Трајанов и Маја Морачанин кој запад ги отпиша, а исток не ги запишува ( или обратно ) Талат Џафери и Димитар Ковачевски повторно ќе мора да се вратат на таблица собирање, вадење, множење и делење пред секоја седница и пред секоја ( веќе хроночна ) закана дека Христијан Мицкоски ќе го прави јубилејно ново 25-то парламентарно мнозинство.

Но состојбата е малку поинаква. Партијата на Гаши со четири пратеници доби три министерски места и десет топ директорски функции ( најмалку ). А Гаши нема контрола врз два, а можеби и врз сите три пратеници на Алтернатива. Скендер Зејд Реџепи веќе одамна е надвор од партиската гравитација и директно преговара(ше) и со Заев и сега со Миле Зечевиќ. Едниот пратеник само што стана потпретседател на Собранието, а функцијата секогаш е добар лепак и тешко се остава фотељата. Пратеничката од Алтернатива праќа сигнали кон власта. И останува дека Африм можеби го контролира само Гаши и на крај можеби Гаши како пратеник ќе се договара со власта, а Африм како претседател на партијата ќе ја напушти владината коалиција.

Наредните денови ќе покажат што ќе биде реално. Но партијата Алтернатива имаше пенал и не успеа да даде гол. Сега и се заканува опасност да се претопи во некоја друга албанска партија или да се маргинализира на политичката сцена. Всушност Алтернатива стана жртва на кампањата дека сите албански партии ( освен Беса ) ќе бидат во власта и дека сме сведоци на драматичен процес на албанизација на извршната власт. Таа перцепција беше погубна и за СДСМ и за Ковачевски, а на крај жртва на таквата анти-албанска хистерија во македонската јавност беше токму партијата на Гаши: Тие мораа да излезат од власта за во владата да влезе малку постабилната АА на Арбен Таравари.

Од друга страна, ако СДСМ очекуваше дека со седумтте пратеници на АА ќе го намали влијанието на Зоран Заев, а дека ДУИ ќе се справи полесно со огнените момци на Муса Џафери, сега работи не изгледаат ни така бели ни така црни, туку пак ќе треба да се прават разни “возови” за да биде функционална коалицијата. Изборот на новата министерка за животна средина, која во СДСМ важе(ше) за кадар на Заев можеби го потврдува тоа.