Дали 3Д печатените ракети се иднината на вселенските патувања?

Ракетениот стартап Релативити Спејс влезе во историјата со лансирањето на, како што тврди, првата 3Д-печатена ракета во светот. Теран 1, со висина од 33,5 метри беше лансирана од вселенската станица Кејп Канаверал во Флорида, напојувана од супер разладен метан и кислород.

Идејата на стартапот беше да достигне височина од 200 километри во орбитата и да се задржи неколку дена пред да се врати во атмосферата и да изгоре при повторното влегување заедно со горниот дел на ракетата.

Сепак, набрзо по лансирањето и одвојувањето на првиот дел се виде дека моторот нема доволно сила да го пропелира горниот дел на ракетата и да ја достигне орбитата.

Ова претставуваше и трет обид за лансирање. Релативити Спејс на почетокот на месецот имаше неуспешно лансирање откако моторите на ракетата се запалија и нагло се исклучија.

Овојпат, иако Теран 1 ракетата не стигна до орбитата, ја исполни целта на тестот, да ја надмине точката „Макс Кју“ во лансирањето при која ракетата е под максимален динамички притисок што е клучен показател за структурниот товар кој може да го поднесе една ракета.

Првичните неуспеси во раните фази се чести во ракетната индустрија. Лансирањета се висококомплексни и зависат од голем број технички и логистички предизвици, па така и најмалите проблеми може значително да влијаат на успехот на лансирањето.

Стартапот најави дека ќе преземе дополнителни чекори за да утврди кои се конкретните причини за неуспехот.

Ракета која се издвојува

Тим Елис главниот изврешен директор на Релативити пред лансирањето објаснуваше дека ракетата е дизајнирана за да носи сателити со низок товар во орбитата на Земјата и дека појдовна основа на компанијата е идејата дека ракетите може брзо, евтино и ефикасно да се градат со помош на 3Д печатач.

Производството на главните делови на ракетата преку 3Д печатење има неколку предности. Кога печатачот е подготвен, можно е да се конструираат повеќе големи и сложени компоненти и да се спојат во една целина, слично на склопување на џиновски сет со Лего коцки.

Овој пристап ги намалува трошоците за работна сила и го поедноставува синџирот на набавки.

„Главната цел е да се произведе подостапна вселенска опрема“, смета Џош Брост еден од директорите на Релативити.

Релативити се издвојува во ракетната индустрија со способноста да собере инвестиции и да привлече високопрофилни партнери пред и да го започен првото лансирање.

Договори вредни 1,65 милијарди американски долари веќе се на контото на стартапот но, повеќето од нив се однесуваат на ракетата Теран Р која ќе може да се употребува повеќе пати и ќе биде наследник на Теран 1.

Визијата на компанијата е Теран 1 главно да се користи за поставување на малите сателити кои се дел од поголеми констелации, додека пак Теран Р е се уште во рана фаза на развој.

„И покрај неуспехот на лансирањето, технологијата за 3Д печатење на Релативити е двигател на промените во производството за различни индустрии, вклучувајќи ги авијацијата, рафинериите за нафта и гас и ветерните турбини“, смета Елис, а пренесува ТРТ Балкан.

Сè уште не е јасно кога и дали Релативити ќе се обиде повторно да ја лансира Теран 1, но стартапот најави дека ќе ги анализира податоците за летот и ќе ја информира јавноста.