Дебатата за разрешувањето на министрите од Алтернатива продолжува утре на пладне

– Во Собранието пратениците попладнево дебатираа по предлогот за разрешувањето на министрите од редовите на Алтернатива, кои не поднесоа оставки на функциите пред изборот на нови членови на Владата, кои генерално доаѓаат од новиот коалициски партнер Алијанса за Албанците. Седницата вечерва беше прекината и ќе продолжи утре на пладне. 

Пратеничката Сафије Садики Шаини од Алтернатива, партија која излегува од владината коалиција со оваа реконструкција на Владата, истакна дека тие на вчерашната партиски состанок тие донеле став да дејствуваат како опозиција и оти тоа е завршена тема за нив.

Според неа, министрите и замениците министри од нивната партија не поднеле оставка од две причини – немаат ниту една одговорност за да поднесат оставка и не сакаат да бидат причина и да му ја олеснат работата на еден човек кој, како што рече таа, не знае да се заблагодари, пред една година стана премиер со гласовите на Алтернатива. 

Садики Шаини посочи дека лани во ноември кога во Собранието соодносот беше 60:60 и европската перспектива на земјата, според неа, била мртва, до Алтернатива се обратиле многумина политичари и луѓе со цел да прифатат да бидат дел од Владата. Таа рече дека „постапките на Алтернатива придонеле Северна Македонија и Албанија да добијат датум за преговори со ЕУ“. 

Според пратеничката на Алтернатива, од СДСМ еднострано го прекршиле договорот што претходниот претседател на владејачката партија го потпишал со нив, обвинувајќи ги социјалдемократите за непочитување. – Ова зборува многу лошо и за една земја која се стреми кон европски вредности, рече таа додавајќи дека прекршувањето на договорите не е европски принцип, а со тоа што не сакале да ја почекаат одлуката на Алтернатива околу заминувањето или отстанувањето во Владата ја преминале и последната етичка линија.  

Пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи го говорот на премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на седницата, рече дека тој бил без суштина и со многу флоскули, а влезот на еден и излегувањето на друг коалициски партнер го поистовети со „политичка корупција и проституција“. Праша како АА ќе се бори против ДУИ ако се во иста Влада и посочи дека со тоа изборите губат смисла. Николовски рече дека ваков претседател на АА, Арбен Таравари не познава и праша дали се работи за уцена и дали цената е една убава куќа во Тафталиџе, која тој ја добил на подарок.

– Дали е тоа цената, затоа што навел дека куќа од 256 квадрати ја платил 150 илјади евра, како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат и дали воопшто тие пари се платени зошто нема трансакција, дали една од цените е куќата. Ако го отворите имотниот лист на министерот за финансии Фатмир Бесими кој му е комшија, а кој пријавил куќа од 410 квадратни метри во вредност од 110 илјади евра. Па како се купува ваква квадратура за оваа цена. Двајцата треба да дадат одговор, а Антикорупциска да испита како се случило ова функционери да плаќаат куќа и квадрат за истата од 200 до 500 евра, а граѓаните за 1000 до 2000 евра квадрат, рече Николоски.

Тој посочи дека Таравари победил во Гостивар благодарение на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и дека нелогично е што наместо во Гостивар каде е градоначалник, тој купува куќа во Скопје. 

 – Откако на претходните избори добро го избојкотира Села со цел да доживеете катастрофа каква што доживеавте и да мора да си поднесува оставка, после тоа ја доби куќата на поклон и на крај влегува во влада. Тоа е траекторија која што мора да се знае и која што граѓаните мора да ја видат, рече Николоски.

Илми Азири од АА реплицирајќи му на Николовски рече дека Алијансата за Албанците и оваа Влада имаат свои сојузници во Брисел и во Вашингтон, а дека Таравари е име во својата бранша и може сите да ги предизвика. 

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ останале сами, нервозни, дека прво од нив си заминал градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, па скопската градоначалничка Данела Арсовска, па Алијансата за Албанците. Според него, 13.02.2023 година е нов пораз на Мицкоски, кој нема зголемено парламентарно мнозинство, ниту избори.

– Македонија, нашите граѓани немаат време за губење. Државата мора храбро и одлучно да оди напред. Денеска може да објавиме дека се прави добар исчекор, имаме поголемо парламентарно мнозинство за реформи, за економски политики за интеграција во ЕУ, рече Костовски.

СДСМ, како што нагласи, има зголемено парламентарно мнозинство, а по можеби 50-ти пат за овие три години, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ повторно лажат – нема предвремени избори и немаат мнозинство.

 – Но, мора да признаеме дека како партија имате една константа, кога се гласа за македонски јазик, идентитет, ве нема, празни столчиња, но полни бифеа и полни ходници, се гласа за Фронтекс ве нема. Вие не сте само против ЕУ, туку сте и против Македонија, рече Костовски.