Дебата за „Климатски промени, животната средина и родовата перспектива“ во Струга

Презентација на програмата за животна средина и родова перспектива на Општина Струга за минатата, 2022 година беше целта на дебата „Климатски промени, животната средина и родовата перспектива“, што се одржа во Струга во организација на „Зелен институт“.

Во рамките на дебатата, како што информира координаторката за еднакви можности при Општина Струга, Сервер Шашко, била направена анализа на програмата за животна средина со акцент на влијанието на климатските промени.

– Влијанието на климатските промени од година во година е се по изразено. Сведоци сме на тоа влијание врз животната средина. Годинава на пример немавме врнежи од дожд и снег, што значи ќе имаме сушна година, а тоа пак ќе влијае врз земјоделството, истакна Шашко.

Експертите заедно со учесниците на дебатата продискутираа и за изградбата на депонија во Струга, хортикултурното уредување на јавните површини во градот, како и одржувањето на зеленилото во парковите.

Ваквите локални дебати, според Шашко, ќе ја зголемат и транспарентноста на родово одговорно буџетирање од страна на општините.

Дебатата „Климатски промени, животната средина и родовата перспектива“ е дел од проектот „Родова зелена лупа“.