Денес започна наставата во ОУ „Владислав Рибникар“, каде што во масовно пукање беа убиени 10 лица

– Наставата во Основното училиште „Владислав Рибникар“, каде што на 3 мај се случи масовно пукање во кое беа убиени десет лица, започна денеска.

Во пукањето во училиштето на самото место убиени беа чуварот и осум деца, а едно девојче на 15 мај им подлегна на повредите здобиени во училиштето кога во неа пукал К.К. (13).

Наставата за претпладневната смена започна во 8 часот, а за попладневната смена ќе започне во 13 часот.

Претставничката на Министерството за образование на Србија, Снежана Вуковиќ, потврди дека во училиштето ќе дојдат и учениците од седмо одделение, чии соученици беа убиени.

„Денешниот ден ќе се разликува по тоа што учениците од VII-2 ќе дојдат на настава попладне. Тие самите инсистираа во разговорите со колегите терапевти. Ние сме во постојан контакт со нив, на дневно ниво комуницираме, слушаме. Тие инсистираа да започнат со настава по физичко и здравствено воспитување“, изјави Вуковиќ за Радио-телевизија Србија.

Вуковиќ повтори дека доколку родителите забележат дека децата се плашат, детето не мора да доаѓа на училиште, дека е потребно да се има писмена изјава од родителите и да се следи што се случува со детето.

Таа додаде дека во текот на изминатата недела над 750 ученици биле на училиште и дека околу 130 ученици со наставниците биле на активности надвор од училиштето.

Кога станува збор за наставата, таа појасни дека училиштето се состои од две споени згради и дека наставата не се одржува во делот од зградата каде што е извршено убиството.

Во училиштето во двете смени ќе дежураат по шест полицајци.

Училиштето почна со работа на 10 мај, седум дена по масовното убиство, но децата немаа обврска да доаѓаат на училиште.