Ден на мировните сили на ОН: Над 87.000 мировници во 12 конфликтни зони

Пред 75 години Обединетите Нации за првпат одлучиле да распоредат свои воени набљудувачи. Тие биле испратени на Блискиот Исток и го надгледувале спроведувањето на израелско-арапските договори за примирје. Од 1948 година повеќе од 2 милиони мировници на Обединетите Нации учествувале во 71 операција ширум светот.

Денес кога Обединетите нации го одбележуваат Меѓународниот ден на мировниците и 75 години од првите мировни сили, 87.000 мажи и жени служат во 12 конфликтни зони низ Африка, Азија, Европа и Блискиот Исток. Меѓународниот ден на мировниците на Обединетите нации беше востановен од страна на Генералното собрание на ОН во 2002 година за да им оддаде почит на сите мажи и жени кои служат во мировните сили.

Гутереш: Мировниците доказ за посветеноста на ОН

Во седиштето на Обединетите нации, генералниот секретар Антонио Гутереш ќе положи венец во чест на мировниците кои ги загубија своите животи од 1948 година. Тој, исто така, ќе претседава со церемонијата во салата на Генералното собрание на која медали постхумно ќе им бидат доделени на 103 воени, полициски и цивилни мировници кои ги загубија животите служејќи под знамето на Обединетите нации минатата година.

„Мировниците на Обединетите нации се срцето на нашата посветеност за помирен свет. Во текот на 75 години, тие ги поддржуваа луѓето и заедниците потресени од конфликти и пресврти ширум светот. Денес, на Меѓународниот ден на мировниците на Обединетите нации, им оддаваме чест на нивниот извонреден придонес за меѓународниот мир и безбедност”, рече Гутереш во својата порака по повод 25 мај.

Генералниот секретар, исто така, ќе ја додели наградата „Воен застапник на годината за родова рамноправност“ за 2022 година на капетанот Сесилија Ерзуа, воен офицер од Гана, кој служел во привремените безбедносни сили на Обединетите нации за Абјеи (УНИСФА).

Создадена во 2016 година, наградата ја признава посветеноста и напорот на индивидуален мировник во промовирањето на принципите на резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН за жените, мирот и безбедноста.

Лакроа: Силните партнерства носат промени

Според Жан-Пјер Лакроа, заменик-генерален секретар за мировни операции, мировните операции се моќен пример за тоа како силните партнерства и колективната политичка волја можат да резултираат со значајни политички промени.

„Работејќи заедно со локалните заедници и другите партнери, нашиот персонал ги штити цивилите, унапредува политички решенија и помага да се стави крај на конфликтите во потрагата по одржлив мир. Ја цениме поддршката од сите засегнати страни за да се осигура дека мировните сили на ОН можат да продолжат да работат како ефективна мултилатерална алатка за глобален мир и безбедност”, изјави Лакроа, јави ТРТ БАЛКАН.