ДЕН НА ОДЛУКА – Ердоган: Претседателските и парламентарните избори ќе се одржат на 14 мај

По повод претстојните претседателски и парламентарни избори во Туркије, Ердоган повтори дека изборите ќе бидат одржани на 14 мај, како што и претходно е планирано.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека ќе бидат надминати последиците од силните земјотреси што минатиот месец го погодија јужниот регион на земјата и однесоа повеќе од 45.000 животи.

„Се надеваме дека ќе ги избришеме трагите од земјотресите што е можно поскоро“, рече Ердоган на состанокот на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот (АК Партија). Тој додаде дека научниците ги нарекле земјотресите „необични“, напоменувајќи дека Туркије ја погодила „бура на земјотреси“.

„Ќе ги отстраниме урнатините, ќе ги залечиме раните, ќе ги замениме срушените домови со нови, ќе изградиме нова иднина и нов живот за нашите граѓани“, рече Ердоган.

По повод претстојните претседателски и парламентарни избори во Туркије, Ердоган повтори дека изборите ќе бидат одржани на 14 мај, како што претходно е планирано.

„Знајте добро дека оваа нација ќе го направи она што е потребно на 14 мај“, рече Ердоган.

По разорните земјотреси, се шпекулираше дека изборите може да се одложат и да се одржат на 18 јуни.

Ердоган претходно изјави дека 14 мај е најпогодниот датум за одржување на изборите. Тој истакна дека на правна, административна и политичка одговорност треба да бидат повикани сите кои се одговорни поради недостатоците во градењето на срушените згради.

Ердоган исто така најави основање фонд за обнова во случај на катастрофи кој ќе им помогне на градовите брзо да се опорават по земјотресот.

Агенцијата за управување со катастрофи на земјата (АФАД) соопшти дека бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Туркије на 6 февруари се искачи на 45.089.

Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени погодија 11 турски провинции на 6 февруари – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.

Повеќе од 13 милиони луѓе во Туркије беа погодени од земјотресите, како и многумина во северозападна Сирија.