Детали за вооружената престрелка во Старата скопска чаршија: Блокиран е пристапот кон Калето – Скопје се зави во црно

–  Едно лице со две прострелни рани е донесено вечерва во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ каде му е укажана помош и е пуштено на домашно лекување. 

-Вечерва околу 20.15 часот со приватно возило е донесено лице на преглед во нашата клиника.  Констатирана е прострелна рана во предел на левото стопало и поголема рана во предел на десната потколеница. Раните се обработени, направени се потребните снимања, преврзани се и е поставена имобилизиција, по што лицето е пуштено на домашно лекување, односно не е задржано, изјавија од Градската болница. 

Како што посочија, досега е донесено само едно лице во оваа клиника. 

Голем број полициски екипи се распоредени кај Скопската чаршија, каде вечерва во вооружена престрелка во угостителски објект, како што потврди полицијата, загинаа две лица, а едно е повредено. 

Известувачите информираат дека на терен се распоредуваат и дополнителни полициски единици, а пристапот кон Скопското кале е целосно блокиран.

Од МВР претходно информираа дека во СВР Скопје вечерва во 20.11 часот е пријавено дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.