Длабочината и интензитетот виновни за разорноста на земјотресот во Туркије (ВИДЕО)

Експертите и научниците се согласни дека земјотресите биле екстремно силни, со јачина која ретко се случува, и дека зградите не биле доволно силни да го издржат тресењето.

Двата силни земјотреси кои ја погодија Туркије го привлекоа вниманието на светските медиуми, но и на научниците кои се специјалисти за тектонски катастрофи.

Експертите и научниците се согласни дека земјотресите биле екстремно силни, со јачина која ретко се случува, и дека зградите не биле доволно силни да го издржат тресењето.

Туркије за жал пројде низ исклучително опасни природни катастрофи и има неколку научни причини зошто овие земјотреси се толку деструктивни.

Според Бил Мекгајер, професор за геофизички и климатски ризици на Универзитетот во Лондон, земјотресите се толку силни бидејќи од таков степен во раседот на Источна Анадолија немало подолго време, односно во изминатите повеќе од 200 години.

„Ова доведе до тоа раседот да акумулира напор многу долго време, па неговото ненадејно ослободување на 6 февруари генерираше огромна количина на енергија и предизвика силно тресење. Друга причина за сериозноста на потресите се нивните плитки длабочини, што значи дека многу голем дел од ослободената сеизмичка енергија стигна до површината“, изјави Мекгајер.

Ијан Мејн професор по сеизмологија и физика на карпи од Универзитетот во Единбург вели дека постојат неколку фактори кои доведоа до масовното уништување во Туркије.

„Како прво, ова се сеизмички настани со многу висок степен на јачина. Тоа го отежнува проектирањето на зградите за да издржат толку силно тресење. Второ, локалните ефекти на локацијата како што е дебел слој од лабав талог, можеби го засилиле движењето на земјата под темелите. Ова особено важи за високите згради и е доста опасно“, вели Мејн.

Според д-р Садаф Насим геолог од Универзитетот во Карачи други фактори се во игра за огромното разрушување, како интензитетот и длабочината на земјотресот.

„Земјотресот е плиток. Имаше длабочина од 17 километри. Туркије лежи на тектонски активна зона. Колку повеќе енергија се акумулира, толку повеќе се засилува тресењето. Колку повеќе енергија се складира на мала длабочина, толку повеќе може да предизва големо уништување. Да беше областа пуста немаше да има толку многу жртви“, вели Насим.

Голема улога има и тајмингот на првиот земјотрес од 7.7 степени рано утрото додека луѓето се уште се дома и спијат.

Земјотресот со јачина од 7,8 степени ослободува енергија од околу 3 милијарди килоџули     Фото: AA AA

Поголем и посилен од земјотресот од 1999 година

Според Доган Калафат, вонреден професор на опсерваторијата Кандили и Институтот за истражување на земјотреси на Универзитетот Богазичи во Истанбул овој земјотрес е посилен и од тој што се случи на 17 август 1999 година кој ја погоди Мармара во северозападниот дел на Туркије убивајќи повеќе од 17.000 луѓе.

„Забрзувањето во споредба со земјотресот од 17 август е четири пати поголемо. Има вредности на забрзување како двојно поголеми од силата на Земјината гравитација“, додаде Калафат.

Југот на Турција беше погоден од втор земјотрес, 12 часа по првичниот, и кој според Мејн бил неизбежен, но тајмингот бил забрзан поради првата катастрофа.

2.000 пати посилна енергија при земјотрес од атомската врз Хирошима

Брус Маламуд, професор по природни и еколошки опасности од Кралскиот колеџ во Лондон, со бројки укажа како енергијата на првиот земјотрес била огромна ако се спореди со јачината на атомската бомба фрлена на Хирошима.

„Земјотресот со јачина од 7,8 степени ослободува енергија од околу 3 милијарди килоџули, или енергијата што се ослободува при земјотреси е околу 2.000 пати поголема од јачината на бомбата фрлена врз Хирошима. Друг начин да опише оваа енергија е, според некои проценки, колку количината на електрична енергија што Туркије ја користи во текот на 13 дена“, изјави Маламуд.

Насим додава дека геологијата на областа покажува дека постои голема шанса за понатамошни земјотреси бидејќи регионот е сеизмички активен.

„Главно, Туркије лежи на анадолската плоча, со арапската плоча на едниот крај и евроазиската плоча на другиот. И двете плочи континуирано ја стискаат анадолската плоча, поради што Туркије има историја на земјотреси со висок интензитет“, вели Насим.

Мекгајер исто така, се согласува со Насем за можноста од земјотреси во блиска иднина, додавајќи дека од земјотресите во Туркије директни потреси се чувствуваат до Грција, Египет и Русија.

„Сеизмичките бранови секогаш патуваат низ и околу планетата, и така глобалниот систем на сеизмометри може да ја лоцираат точката на земјотресот. Постои особен интерес за земјотресите во Калифорнија бидејќи страничното движење на раседот што ги генерира земјотресите во Туркије е истото движење што се случува на раседот Сан Андреас каде во наредните децении е возможен катастрофален земјотрес“, додава Мекгајер.