Државниот врв апелираше за донации за земјотресите во Туркије и Сирија

„Да помогнеме кој колку може и да продолжиме со солидарноста и хуманоста за настраданите од земјотресите во Турција (Туркије) и Сирија“, истакна претседателот Стево Пендаровски кој учествуваше во отворената телевизиска програма во живо.

Претставниците на државниот врв на Република Северна Македонија, политичките лидери, претставници на бизнис заедницата, уметници, лица од јавниот живот и претставници на невладини и хуманитарни организации учествуваа во отворена телевизиска програма во која апелираа до граѓаните да донираат финансиси средства за Туркије и Сирија, погодени од разорните земјотреси што се случија на 6 февруари.

Телевизијата Канал 5 вчера организираше отворена донаторска програма насловена „Обединети за Турција (Туркије) и Сирија.“

„Да помогнеме кој колку може и да продолжиме со солидарноста и хуманоста за настраданите од земјотресите во Турција (Туркије) и Сирија“, истакна претседателот Стево Пендаровски кој учествуваше во отворената телевизиска програма во живо.

Во програмата учествуваше и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.

„Преживеаните од разорните земјотреси, не смееме да ги оставиме сами. Потребен е сеопфатен хуманитарен одговор. На луѓето им е потребна помош СЕГА! Затоа ги повикувам граѓаните, секој во својата можност да донира и да помогне колку може“, нагласи премиерот Ковачевски.

Во телевизиската програма учествуваше и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски. „Република Северна Македонија во континуитет добива поддршка во најтешките моменти од Република Турција (Туркије), односите на нашите граѓани со турскиот народ се посебни, тоа создава еден вид морална обврска да бидеме тука за сите потреби кои ги имаат.Можеби помошта е мала која може државата да ја даде, но е исклучително голема ако се гледа во кој момент тоа се прави“, рече министерот Спасовски.

„Сите граѓани да се обединиме во овие моменти и да помогнеме, еден од начините е преку јавување на телефонскиот број 143 400, преку донација на парични средства и на се она што може најбрзо да стигне во овие подрачја кои се зафатени со оваа голема катастрофа“, додаде тој.

Учесничка во програмата беше и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која информираше за акциите на Град Скопје во врска со помош за погодените од земјотресот во Туркије.

Во телевизиската програма учествуваше и потпретседателот на МАТТО (Стопанската комора на Македонија-Туркије) Имер Селмани, кој се осврна на акциите кои во земјава се организирааат за помош на Туркије и нејзините граѓани погодени од земјотресите.

Во отворената телевизиска програма учествуваше и претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој ги повика граѓаните да донираат.

Меѓу учесниците во отворената програма „Обединети за Турција (Туркије) и Сирија“ учествуваа и лекари, претставници на цивилниот сектор, како и бројни личности од јавниот живот кои апелираа до граѓаните да донираат средства за Туркије и Сирија.

TRT Balkan