ЕБOР: Раст на БДП на Северна Македонија годинава 2,0 отсто

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги ажурираше своите економски прогнози за регионите што ги покрива и проценките за Северна Македонија се дека растот на БДП во 2022 година бил 2,5 отсто, годинава ќе биде 2,0, додека следната година 3,0 отсто.

Како што соопшти ЕБОР, проценката за БДП на Северна Македонија за 2022 година е намалена за 0,2 отсто, додека за годинава за 0,3 отсто во однос на последниот извештај од септември минатата година.

За регионот на Западен Балкан се проценува дека растот на БДП лани бил 3,0 отсто, годинава ќе биде 2,2 отсто, а во 2024 година ќе достигне 3,4 отсто.

Споредено со последниот извештај и оценка на ЕБОР од септември, проектираниот раст на БДП за Западен Балкан за оваа година е намален за 0,8 отсто, како резултат на слабата надворешна побарувачка, високата инфлација и позатегнатото финансирање.

Високите цени на енергијата и инфлацијата продолжуваат да влијаат на економските изгледи на сите региони што ги покрива банката, кои опфаќаат три континенти. Прогнозите за раст се намалени во повеќе од половина од 36-те економии во кои работи ЕБОР, со многу малку прогнози нагоре. Просечната инфлација во регионите на ЕБОР во декември падна на 16,5 отсто, откако во октомври достигна највисоко ниво од 17,5 отсто.

ЕБОР проценува дека просечниот раст на БДП во регионите што ги покрива лани бил 2,4 отсто, годинава ќе биде 2,1 отсто, а во 2024 година ќе достигне 3,3 отсто.

Банката предупредува дека во мај ќе објави поцелосен извештај за економските перспективи.