ЕВН поскапо од берзата купува гас за месец февруари

Цената на гасот на берзата е пониска од онаа што државата ја купи за месец февруари. Првиот човек на ЕМВ Ковачевски признава дека во моментов цената на гасот на берзата е пониска од онаа на Балкан Утилити, бугарската компанија од која државните централи решија да добиваат природен гас. Во моментов цената на берзата на гас е околу 60 €/MWh и има надолен тренд, додека договорот на бугарската компанија е 98 €/MWh.

Но, Васко Ковачевски уверува дека берзите се непредвидливи и кога ќе поскапи гасот граѓаните ќе бидат заштитени. Тој тврди дека во наредниот период ќе се направи анализа за набавка на енергија која треба да даде јасна слика дали државата платила повеќе или помалку.

„Никој не може да предвиди во услови на енергетска криза и воен конфликт на нашиот континент дали цената ќе биде стабилна. Во моментов се согласувам дека цената на берзата е пониска и има надолен тренд, но да не заборавиме дека огромни движења на цената на природниот гас се случуваат преку ноќ на берзата и тука сме заштитени како државна компанија“ , изјави Васко Ковачевски, директор на ЕМВ.

Потсетуваме дека за скопските греалки ЕМВ на почетокот на грејната сезона купи гас за период од две недели, со образложение дека ваквата опција е подобра поради промените на берзата. Акционерското друштво ЕМВ до Владата, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика ќе достави извештај за сите набавки на енергија од почетокот на кризата до јануари. Во меѓувреме, првиот човек на КРРЕ, Марко Бислимовски, рече дека цената на сметките за парно греење за граѓаните нема да се ревидира пред јули. Според него, иако цената на гасот паѓа на берзата, без државната субвенција ќе поскапат сметките на скопјани.

„Во јули ќе донесеме одлука како и обично, имајќи предвид дека државните субвенции сè уште продолжуваат. Да нема субвенции од Владата ќе поскапе топлинската енергија. Мора да ги имаме испораките што ги прават двајцата учесници на пазарот како активни добавувачи, ќе го анализираме пазарот и кога ќе ја донесеме цената во 7-ми месец, ќе го земеме предвид трошењето што беше за природен гас на пазарот“, изјави Марко Бислимовски, претседател на КРРЕ.

Конечните пресметки на цената покажуваат дека со изборот на бугарската компанија со фиксни цени, државата ќе плати 1 милион евра повеќе за гас во јануари и повеќе во февруари отколку овој месец. Надлежните соопштија дека „Балкан Утилитис“ се снабдува со гас од Турција, Северна Африка, а многу малку од Русија.