Единаесет жртви во синоќешните земјотреси во Турција и во Сирија

Во синоќешните земјотреси во Турција и Сирија загинаа најмалку 11 лица, јавија денеска локалните медиуми. Засега нема официјалнио податоци за бројот на жртвите. 

Најмалку шест лица загинаа, а речиси 300 се повредени во двата земјотреса на југоистокот на Турција, објави денеска турскиот весник „Хуриет“. Според тој весник, повредени се најмалку 294 лица, од кои 18 се во тешка состојба.

Турската управа за итни случаи и природни катастрофи соопшти дека земјотреси со интензитет од 6,4 и 5,8 степени според Рихтеровата скала ја погодиле синоќа провинцијата Хатај и биле проследени со најмалку 32 последователни потреси. Потресите се почувствувани и во Сирија, Кипар, Грција, Египет, Израел и Либан.
Во вчерашниот земјотрес во Сирија загинаа пет лица во неколку градови, јавија арапски ТВ станици.