Економските и геополитичките случувања во фокусот на средбата Шолц – Ципрас во Берлин

 За економските и геополитичките случувања во Европа и светот, за прогресивните сили, како и за владиниот план на СИРИЗА и позициите во надворешната политика, разговарале, меѓу другото, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас и германскиот канцелар Олаф Шолц, јави дописничката на МИА од Атина.

По средбата во Берлин, Ципрас изјави дека на Шолц му го презентирал планот на СИРИЗА за прогресивна Влада во Грција, „која ќе ја преземе тешката задача за обновување на економијата и поддршка на општеството, но и ќе ги врати правилата на владеењето на правото“.

-Во исто време имав можност да му ги претставам нашите позиции за надворешната политика. Потребата Грција повторно да стане столб на мир и стабилност во регионот. И секако да продолжиме со нова евро-турска агенда, во која ќе биде вклучена и грчко-турската позитивна агенда, но со јасни црвени линии и перспектива за решавање на нашите разлики во Хаг, рече Ципрас по средбата.

Додаде дека имале можност да разговараат за европските случувања и ја истакнале потребата за соработка на прогресивните сили и во секоја земја посебно и во Европскиот парламент, „особено во период кога десницата соработува со екстремната десница во низа земји и ова е голема закана за Европа“.

-Верувам дека прогресивните сили можат да дадат решенија, а изборите што се пред нас во Грција се една таква битка, меѓу напредокот и конзервативноста. А промената што ќе дојде во Грција ќе биде важна разврска за цела Европа, истакна лидерот на СИРИЗА, порача Ципрас.