Експлозија во џамија! Деветнаесет загинати, десетици повредени

Напаѓачот, облечен во елек наполнет со експлозив, ја активирал направата за време на молитвата, на која присуствувале околу 150 луѓе.

Најмалку 19 лица загинаа, а десетици други се повредени денеска во експлозија во џамија во градот Пешавар, во северозападен Пакистан, јавуваат западните новинарски агенции.

Според новинарската агенција АП, напаѓачот облечен во елек наполнет со експлозив ја активирал направата за време на молитвата, на која присуствувале околу 150 луѓе.

Се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголеми, бидејќи многу од ранетите се во критична состојба.

Полициски претставници соопштија дека дел од зградата се урнал и се верува дека луѓето сè уште се заробени во урнатините, пренесува Ројтерс.