Ердоган, кандидат на АК Партија на претседателските избори во Турција

Парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК Партија) донесе одлука Реџеп Таип Ердоган да биде номиниран за кандидат на претседателските избори што ќе се одржат во Турција, јави ТРТ Балкан.

Парламентарната група на АК Партија одржа состанок, кој беше затворен за медиумите, на кој беше разгледано барањето за номинирање на претседателот на АК Партија, Ердоган, за кандидат на претседателските избори што ќе се одржат на 14 мај оваа година во земјата.

Ова барање беше потпишано од претседателот на парламентарната група на АК Партија, Исмет Јилмаз, како и од потпретседателите на оваа парламентарна група.

Пратениците што учествуваа на овој состанок го потпишаа документот за кандидатурата на Ердоган на претседателските избори.

По состанокот, претседателот на парламентарната група на АК Партија, Јилмаз, даде изјава за медиумите.

Јилмаз потсети дека претседателот на Туркије, Ердоган, донел одлука за обновување на изборите, и нагласи дека оваа одлука истиот ден била објавена во Службен весник.

Тој нагласи дека на состанокот на Високиот изборен совет е донесена одлука 14 мај, недела, да биде ден на одржување на претседателските и парламентарните избори во земјата, додека, рече тој, во случај новиот претседател да не биде избран во првиот круг, вториот круг на претседателските избори ќе се одржи на 28 мај.

Јилмаз рече дека пратениците што учествувале на денешниот состанок едногласно одлучиле Ердоган да биде нивен кандидат на претседателските избори.