Ердоган: „Туркије е загрижена за растечката антиисламска реторика во Европа“

– Туркије е загрижена поради растечката антиисламска реторика во Европа, особено во скандинавските земји, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.

„Загрижени сме поради сѐ поголемата антиисламска реторика и дејствија во Европа, особено во скандинавските земји“, рече Ердоган во текот на телевизиски настап во Анкара, осврнувајќи се на неодамнешното палење на примерок на Куранот во Шведска, Данска и Холандија.

Како што рече, Туркије очекува „искрени чекори од Шведска во борбата против исламофобијата“.

„Очекуваме Шведска и Финска во целост да ги испочитуваат обврските од трилатералниот меморандум“, порача Ердоган, мислејќи на договорот потпишан во јуни минатата година меѓу Туркије и двете нордиски држави за нивниот влез во НАТО.

Нарекувајќи го Меморандумот за разбирање „мапа на патот“, Ердоган рече дека е неопходно земјите да ги исполнат своите ветувања, особено во борбата против тероризмот.

Турскиот претседател нагласи дека извинувањето од Шведска „нема да ги реши проблемите“, додавајќи дека таа држава станала „безбедно засолниште за терористичките организации“.

Осврнувајќи се на војната во Украина, Ердоган рече:

„Не можам да кажам дека испраќањето тенкови во Украина би можело да биде елемент на решението. Сево ова е ризично.“

Ердоган подвлече дека ќе продолжи со разговорите со лидерите на Русија и Украина со цел да се изнајде начин за обезбедување траен мир.

Во врска со тензиите со Грција, турскиот претседател рече дека Туркије „нема само да стои настрана додека Грција презема акции што ја загрозуваат нејзината безбедност“ и вети дека Анкара „ќе реагира и правно и на терен“.

„Неодамнешниот став на Грција кон Туркије е против духот на добрососедските односи и НАТО-сојузот“, рече Ердоган и повтори дека Атина ги наоружува островите во Источниот Медитеран кршејќи го меѓународното право.