Ердоган: Целта ни е да го обновиме јужниот регион погоден од земјотресите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека ќе биде обновен јужниот регион на Турција кој на 6 февруари го погодија силни земјотреси, во кои загинаа повеќе од 50.000 луѓе.

„Нашата цел е да ги обновиме нашите градови во зоната на земјотресот со предавање на 319.000 станбени единици и куќи во селата на сопствениците во рок од една година“, рече Ердоган на церемонијата на поставување на темелите во областа Елазиг погодена од земјотресот, пренесе ТРТ Балкан.

Ердоган рече дека Турција ќе ги избрише трагите од уништувањето предизвикано од катастрофата и ќе се подготви за можни катастрофи во иднина.

Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер погодија 11 турски провинции – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.

Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Туркије се погодени од земјотресите, како и многу други во северна Сирија.