Ескобар: Договор помеѓу Србија и Косово можен е до крајот на летото

 Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар оцени дека договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е „огромно достигнување“ и дека договорот претставува „историски чекор напред“ во развојот на односите помеѓу Србија и Косово.

Во вчерашното интервју за агенцијата Мина, Ескобар изјави дека „не гледа причина“ зошто договорот за преостанатите прашања не може да биде склучен до крајот на летото.

– Со Србија има одредени елементи, што мора да се исполнат во однос на признавањето на регистарските таблички на автомобилите, личните карти и некои други работи. И од Косово се очекува да формира Заедница на српски општини. Се извинувам, тоа не е очекување. Тоа е обврска, рече Ескобар.

Тој додаде дека САД сакаат овие процеси да се случат што е можно побрзо.

– Не гледам причина зошто тоа не може да се заврши до крајот на летото, истакна Ескобар.

Претходно, Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека целта на средбата на главните преговарачи меѓу Белград и Приштина минатата недела во Брисел е да се разјаснат преостанатите отворени прашања и оти разговорите ќе продолжат во следните недели.

– Разговаравме за понатамошниот пат за спроведување на Договорот од 27 февруари и имавме за цел да ги разјасниме преостанатите отворени прашања. Иако наоѓањето заеднички јазик може да биде предизвик, успеавме да постигнеме одреден напредок, напиша Лајчак на Фејсбук, сумирајќи ја минатата недела.

Според него, разговорите ќе продолжат и во наредните недели.