ЕСМ ќе врати средства во Буџетот што ќе се пренаменат за нови мерки за помош на граѓаните

 Со домаќинско работење АД ЕСМ е ликвидно и во текот на оваа недела или на почетокот на наредната компанијата во Буџетот ќе врати одредени средства кои ги доби од Владата, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Тоа, посочи, значи дека ќе има дополнителни средства за да се дизајнираат нови мерки за помош на граѓаните за справување со кризата.

-Секоја година ЕСМ до Владата доставува финансиски извештај за претходната година. Во моментот кога ќе се достави финансискиот извештај ќе се донесе одлука за одредени финансиски средства да бидат вратени во Буџетот. Тоа најверојатно би било во текот на наредната недела, рече Бектеши во одговор на прашање при денешната посета на супермаркетот „Рамстор“ во Капиштец заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски.

Не е важен моментот кога ќе се вратат средствата, додаде, туку е важно дека иако им беа дадени средства тие не ги искористија, го зголемија производството и во јануари и во февруари и сега имаат простор тие средства да ги вратат во Буџетот, а ние како Влада да ги пренасочиме кон граѓаните, посебно кон тие што имаат најголема потреба.

Директорот на ДПИ нагласи дека при нивните контроли откриле дека над 85 отсто од компаниите кои добија субвенционирана цена за струјата од 80 евра за мегават час не го испочитувале договореното, односно не ги намалиле цените на продуктите.

-ДПИ изврши детални анализи на оние компании кои користеа субвенционирана електрична енергија. Нашата споредба беше од ноември пред донесувањето на одлуката за субвенционирање, па во наредните четири месеци. Имаше компании кои воопшто ги немаа намалено производите, но имаше и компании кои ги намалија цените. Извештајот го доставивме до Министерството за економија, бидејќи ние немаме законска обврска за понатамошните постапувања, туку имаат Владата и Министерството за економија, рече Трајковски.

Премиерот Ковачевски појасни дека за сите одлуки што беа донесени имале состаноци со сите стопански комори на кои преку џентлментски договор се договориле дека Владата ќе обезбеди субвенционирана цена на електрична енергија, а компаниите за најмалку 10 проценти ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи што ги произведуваат.

-Владата својот дел од договорот го испочитува и во време кога цената на електричната енергија беше над 450 до 500 евра за мегават час обезбедивме цена од 80 евра за мегават час. Од извештајот на ДПИ се гледа дека голем дел од производителите не го испочитувале џентлментскиот договор. Врз основа на тоа направивме дополнителни анализи и согласно со нив донесовме одлуки кои значеа укинување на субвенционираната цена, правење на детални анализи за структурата на трошоците и финалната цена на производите и намалување на дел од цените на основните прехранбени производи и замрзнување на ниво на кое сметаме дека се покриваат трошоците и се обезбедува фер заработка и на производителите и на добавувачите и трговците, прецизира Ковачевски.

Прашан дали ќе следат санкции за оние што го прекршиле договорот, премиерот рече дека како правна држава тоа прво треба да го проверат правниците.

-Кога се прави нешто на добра волја тогаш треба двете страни да го испочитуваат. Се гледа дека Владата го испочитувала договорот, а дел од производителите не. Дали врз основа на законот постои  можност за одредено санкционирање ќе треба да проверат правниците во законодавството и во Министерството за економија, бидејќи не можеме да спроведуваме мерки кои немаат законска основа, посочи Ковачевски.