ЕУ го потврди состанокот со Курти и Вучиќ во вторник во Брисел

 – Европската Унија (ЕУ) соопшти дека во вторник, 2 мај, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ќе одржи состанок на високо ниво во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Како што се наведува, учеството го потврдиле претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти. Борел, со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, ќе одржи заеднички состанок со лидерите.

На состанокот ќе се разговара за примената на Договорот за патот кон нормализација меѓу Србија и Косово.

„Од страните се очекува да ја усвојат Декларацијата за исчезнати лица, како прва точка на дневниот ред, по што ќе следува презентација и расправа за првиот нацрт на статутот на Асоцијацијата/Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово. Страните исто така ќе имаат можност да разговараат и за актуелни прашања од политичко значење“, се истакнува во соопштението.