ЕУ интеграцијата на Северна Македонија една од можните теми на средбите на Блинкен во Атина

– Европската интеграција на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан би можела да биде една од темите за кои американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе разговара со неговите домаќини во Грција за време на средбите следната седмица.

Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Карен Донфрид, одговарајќи на новинарско прашање на брифингот во пресрет на патувањето на Блинкен во Грција, во однос на ЕУ перспективата на Северна Македонија, рекла дека не знае со сигурност кои ќе бидат темите на агендата на средбите на Блинкен во Атина, но претпоставува дека ќе се најде и тоа прашање.

-Мислам  дека, не можам да ви кажам точно за што ќе разговара секретарот со неговите колеги во Грција, но претпоставувам дека тоа ќе биде една тема, рекла Донфрид.

Додала дека на средбите ќе стане збор и за многу други прашањата како што се Украина и Русија, но и за земјотресите во Турција и Сирија.

Паралелно, истакнала Грција е силен поддржувач, како на Северна Македонија, така и на останатите земји од Западен Балкан кон нивната евро- атлантска иднина и членство во Европската унија.

-Во однос на прашањето за Грција и Северна Македонија, секако Грција е наш ценет НАТО сојузник. Исто така е и клучна членка на Европската унија. Видовме дека Грција постојано игра улога во поддршката на проширувањето на Европската унија пошироко на Балканот, Донфрид.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен од денеска до 22 февруари ќе ги посети Германија, Турција и Грција.

Во Атина, ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со министерот за надворешни работи Никос Дендиас и со лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас.

Во вторник, Блинкен и Дендиас ќе го започнат четвртиот круг од стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција.