За безбедноста на денешниот протест на албанската опозиција во Тирана ангажирани над 1.100 полициски службеници

 За гарантирање на редот и безбедноста пред, за и по протестот на албанската опозиција, што почнува на пладне, во Тирана се распоредени над 1.100 полициски службеници, од сите сектори, а во состојба на готовност е и Националната гарда, јави агенцијата Балкан веб.   

 -Веќе има распоредено  кордон со полицајци пред владата и периметарот околу објектот. На терен ќе бидат вклучени и цивилни агенти кои ќе го следат текот на протестот. Во меѓувреме, како и на секој собир, на влезните врати од објектот се поставени  метални обвивки. Полицијата постави камери со висока резолуција долж целиот булевар „Народни херои“, додава агенцијата. 

Простестот се одржува денеска кога Апелацискиот суд во Тирана треба да донесе одлука кој всушност е насленик на логото и печатот на Демократската партија(ПД), Сали Бериша, кој го предводи побројното крило  или Енлекед Алибеај, кој по оставката на Љуљзим Баша е вршител на должноста претседател на ПД.  

Поддршка, како и на досегашните антивладини протести организирани од Бериша, ќе даде Партијата на слободата предводена од поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета.