За два и пол месеци лишени од слобода 80 лица поради најдена дрога, најмладиот на 15 години

 Од СВР Тетово информираат дека со оглед на интензивните активности  за справување со употребата и продажба на дрога на подрачјето, па во изминатите два и пол месеци од оваа година регистрирани се вкупно 80 лица кои биле лишени од слобода и на кои по расчистување и документирање на случаите изготвени им се соодветни поднесоци.

-Во овој период во педесетина случаи евидентирани на тетовските простори регистрирани се вкупно 80 лица кои биле лишени од слобода и на кои по расчистување и документирање на случаите  изготвени им се соодветни поднесоци за кривично дело „неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, но и за „овозможување употреба на наркотични дроги“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Кај најголемиот број од нив биле пронајдени и одземени марихуана и кокаин, а во само неколку случаи хероин и амфетамин.

 -Секторот за внатрешни работи Тетово и во наредниот период  ќе презема контролни и други активности во чие средиште ќе бидат лицата кои поседуваат, користат или продаваат наркотични средства и адекватно ќе ги санкционира со изготвување на законски предвидените поднесоци, вели портпаролот. 

Според евиденцијата на СВР Тетово претежно станува збор за млади лица на возраст од 15 до 45 години, кои лично користеле вакви опијати, но се среќаваат и поединци кои им ги продавале на други.