Зелена комета ќе прелета покрај Земјата за прв пат по 50.000 години

Ретката Зелена комета која орбитира околу Сонцето на секои 50.000 години наскоро ќе прелета покрај нашата планета.

До 1 февруари, кометата C/2022 E3 (ZTF) ќе се приближи до Земјата, а нејзината позиција на небото е таква што Канаѓаните се идеално поставени да ја забележат.

Кометата орбитира околу Сонцето само еднаш на секои 50.000 години, го обиколи Сонцето на 12 јануари и сега се движи кон Земјата на својот излез од Сончевиот Систем. Поради природата на нејзината орбита, можеби никогаш повеќе нема да ја посети внатрешноста на Сончевиот Систем, што значи дека ова би можело да биде последна шанса на човештвото да ја види оваа комета.

„Во моментов е невозможно кометата да биде видлива со голо око“, вели Пол Вигерт, професор на катедрата за физика и астрономија при Универзитот Вестерн во Лондон. Сепак, тој рече дека „ќе станува посветла како што ќе се приближува на крајот на јануари“ и ќе може да биде видлива со голо око ако небото е ведро и нема многу светлосно загадување во вашата област.

Се смета дека C/2022 E3 (ZTF) доаѓа од Ортовиот облак, регион околу надворешниот Сончев Систем за кој се смета дека содржи милијарди комети кои се главно во стабилна орбита околу Сонцето.

Дефинитивно вреди да се потрудите да излезете надвор и да ја побарате кометата, особено ако можете да дојдете до потемно мнесто некаде со што е можно помало светлосно загадување.