Индија сега има повеќе жители од Кина, а нивното население ќе продолжи да расте со децении. Тоа може да го промени светот

Кина останува втора по големина економија во светот, но експертите предупредуваат дека демографскиот пад може значително да го забави нејзиниот економски бум

Неделата започна со епохална промена во светската демографија. Според проценките на ОН, од минатиот викенд Кина повеќе не е земја со најголемо население, сега е Индија. Сепак, Кина останува втора економија во светот, а Индија е само петта.

И покрај укинувањето на политиката за едно дете и неодамнешното воведување на стимулации за трето дете, населението во Кина се намалува. Ова им се случува и на многу нејзини соседи во Азија, но падот на Кина ќе има огромни последици не само за регионалната економија, туку и за светот воопшто, пишува Њујорк Тајмс.

Со години, огромната работна популација на Кина го напојуваше глобалниот економски мотор, снабдувајќи го целиот свет со стоки произведени од евтини кинески работници. На долг рок, недостатокот на работници во фабриките во Кина – поттикнат од подобро образованата работна сила и намалената млада популација – може да ги зголеми цените на светскиот пазар, влошувајќи ја инфлацијата во САД и другите земји кои во голема мера се потпираат на увезени кинески стоки.

Евтина работна сила

Кина веќе некое време не е империја на евтина работна сила, при што многу компании ги преместуваат своите операции во земји со пониски плати, како што се Виетнам и Мексико, според NYT. Намалувањето на населението значи и пад на потрошувачката, што ги загрозува светските брендови од Apple до Nike.

Поради недостигот на работна сила, Кина веќе го пресели производството со ниски квалификации во други земји во Азија и дополнително автоматизирани фабрики, надевајќи се дека во иднина повеќе ќе се потпира на вештачката интелигенција и технолошките сектори.

На краток рок, падот на наталитетот претставува голема закана за кинеската станбена индустрија, која сочинува приближно една четвртина од економското производство на земјата. Владата неодамна интервенираше за да им помогне на развивачите на недвижнини, во обид да го запре продлабочувањето на кризата.

Економистите ја споредуваат демографската криза во Кина со онаа што го запре јапонскиот економски бум во 1990-тите, при што Јапонците беа многу побогати. Уделот на населението на возраст од 60 и повеќе години се очекува да порасне на 30 проценти до 2035 година, или повеќе од 400 милиони луѓе. Кинеската академија за општествени науки предвидува дека главниот пензиски фонд ќе остане без пари до 2035 година.

Кина ја воведе политиката за едно дете во доцните 70-ти за да спречи растот на населението да достигне неодржливи нивоа. Повеќето од оние кои имале повеќе од едно дете морале да платат високи казни, стотици милиони Кинески жени биле принудени да абортираат. Женските бебиња имале поголема веројатност да бидат абортирани или напуштени по раѓањето: Кина имала околу 30 милиони повеќе мажи отколку жени во 2021 година.

Сепак, стапките на фертилитет во Кина паѓаа уште пред воведувањето на политиката за едно дете, бидејќи тие често одат рака под рака со економскиот развој и урбанизацијата. Олеснувањето на мерката беше најавено во 2013 година, но уште тогаш демографите предупредуваа дека мерката доаѓа премногу доцна за да ги промени демографските трендови. Воведени се и стимулации за трето дете, но без резултати. Образованите Кинески жени се повеќе го одложуваат бракот и избираат да немаат деца поради високите трошоци за сместување и образование, според NYT. Кинезите не се подготвени падот на наталитетот да го заменат со имиграција. ОН предвидуваат дека 310.000 луѓе повеќе ќе ја напуштаат Кина секоја година отколку што имигрираат.

Индија ја престигна Кина во вкупното население, според проценките на ОН Популацијата на Индија ќе достигне врв од околу 1,7 милијарди во 2064 година. Стапката на плодност – бројот на деца по жена – падна на 2,0, а 2,1 е неопходна за репродукција на сегашното население. Сепак, бројот на жители ќе продолжи да расте уште некое време, бидејќи големите групи ја достигнуваат родителската возраст, објаснува демографот Френк Свиачни за CNN .

Општество кое старее

Според класификацијата на ОН, Индија сега е „општество што старее“, што значи дека седум проценти од населението има 65 или повеќе години. Повеќе од 40 отсто од населението е на возраст под 25 години. Минатата година имало повеќе од 900 милиони работоспособни жители, а според ОЕЦД се очекува да достигне една милијарда во следната деценија. Оваа голема и релативно ниско платена млада работна сила главно зборува англиски, дигитално писмена и има претприемачка репутација, што ја прави земјата многу привлечна за западните компании кои бараат алтернатива за Кина.

Индија има проблем со големи демографски и социјални разлики. Повеќето деца се раѓаат на економски заостанатиот север, па затоа Утар Прадеш е дом на 17 отсто од населението во Индија, а само девет отсто од работните места се во индустријата. На југ, жените раѓаат многу помалку, Гоа има стапка слична на јужна Европа. Иако сè уште е една од најсиромашните земји во светот, Индија е петта по големина економија во светот и меѓу најбрзо растечките.