Ираелските сили демолираа куќа на Палестинец осомничен за убиство на еврејка

Израелските сили во источен Ерусалим денеска ја демолираа куќата на Палестинецот за кој сметаат дека уби Израелка минатата година на воен контролен пункт.

Стотици израелски полицајци упаднале во бегалскиот камп „Шуфат“, за да ја урнат куќата на Удај Тамими, осомничен за убиството на 18-годишната воена регрутка Ноа Лазар и за ранувањето цивилен чувар во нападот од октомври минатата година, јавуват израелските медиуми.

Израел ги урива домовите на Палестинците обвинети за извршување смртоносни напади, тврдејќи дека спречуваат понатамошно насилство, додека противниците на мерката предупредуваат дека тоа е неправедна колективна казна.

Денешната акција во кампот „Шуфат“ се случува помалку од еден месец од инаугурацијата на новата ултрадесничарска влада на Израел. Таа Влада се залага за цврст став кон Палестинците, најавувајќи интензивирање на изградбата еврејски населби на окупираниот Западен Брег.

Полицијата соопшти дека во акцијата биле вклучени 300 полицајци и војници.

Инаку, убиецот на Израелката по нападот на контролниот пункт избега, а по него беше организирана потера што траеше една седмица. За време на потерата, израелските сили ги затворија пристапите кон кампот, во кој живеат околу 60 илјади луѓе.

Напаѓачот Тамими беше убиен откако отворил оган кон стражарите на влезот во еврејската населба „Мале Адумим“ на Западниот Брег, источно од Ерусалим.

Новиот израелски министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир што ја надлгедува работата на полицијата, го поздрави уривањето на куќата, нарекувајќи го „недоволен, но многу важен чекор“.

„Мораме да ги уништиме сите куќи на терористите и да ги избркаме од земјата“, се вели во соопштението на Бен-Гвир.