Иранско-германски државјанин осуден на смрт, Берлин остро реагира

Иранско-германски државјанин денеска е осуден на смрт во Иран, што германската министерка за надворешни работи го опиша како „апсолутно неприфатливо“.

Смртната казна за иранско-германскиот државјанин Џамшид Шармахд е „апсолутно неприфатлива“, се вели во соопштението на Аналена Баербок.

– Извршувањето на смртната казна против Шармахд ќе доведе до значајна реакција, додаде таа и ги повика иранските власти да ги исправат недостатоците во судскиот процес и да се воздржат од изрекување на смртна казна.

Иранското правосудство го осуди на смрт германско-иранскиот дисидент Џамшид Шармахд за негова наводна вмешаност во напад. Случајот може дополнително да ги заостри односите меѓу Техеран и Европејците.

Шармахд (67) беше изведен пред суд во Техеран во февруари 2022 година под обвинение за учество во напад во април 2008 година на џамија во Шираз, јужен Иран, во кој загинаа 14 лица.

Баербок оцени дека тој бил однапред прогласен за виновен со неточни обвинувања во јавноста и потсети дека од неговото апсење „под сомнителни околности“, германските власти интервенирале на високо ниво за да му помогнат.