Истражување: Централна и Источна Европа и натаму недоволно застапени на високите позиции во ЕУ

Граѓаните на Западна и Јужна Европа сe уште имаат осум од десетте највлијателни позиции во ЕУ, додека Централна и Источна Европа и понатаму се недоволно застапени, покажа новото истражување.

Третото истражување „Опсерваторија на географската застапеност во лидерството на ЕУ“ опфати 73 субјекти – институции на ЕУ, советодавни тела, агенции и други тела, 90 позиции и 512 службеници од 1952 година до крајот на 2022 година. Истражувањето на Јуропиан демокраси консалтин (European Democracy Consulting – EDC) ја потврди континуираната доминација на Западна и Јужна Европа на водечки позиции во ЕУ. Авторите на истражувањето ги повикаа институциите на ЕУ да преземат мерки за поправедна застапеност на сите европски граѓани. 

Од проширувањето на ЕУ во 2004 година, Западна и Јужна Европа учествуваат со 82 отсто во сите именувања и со 89 отсто во институциите на ЕУ, односно на најистакнатите и највлијателните позиции. Од друга страна, Централна и Источна Европа добиле само четири, односно 5,5 отсто од назначувањата, што ја потврди нивната континуирана недоволна застапеност. 

Тие резултати, како што се наведува во соопштението на ЕДЦ, не се резултат на претходни практики. Имено, само во 2022 година граѓаните од Западна и Јужна Европа добиле 88 отсто од новите именувања или 80 отсто во периодот 2020-2022 година, што е за десет процентни поени повеќе од 2019-2021 година. 

Во 2022 година само еден граѓанин од Централна и Источна Европа е именуван на висока функција. 

Дури и во однос на големината на населението, граѓаните на Јужна Европа имаа повеќе од двојно поголем дел од функционерите. Истовремено, оние од Северна Европа, иако во 2022 година не добија некоја позначајна позиција, во периодот 2020-2022 година имаа 1,8 пати поголема застапеност од онаа што се смета за фер. 

Во набљудуваните три години, граѓани од Централна и Источна Европа беа именувани на помалку видливи позиции во агенциите на ЕУ. 

Исто така, во тие три години, Европската комисија и Советот беа одговорни за 35 проценти од сите именувања, а владите на членки, нивните претставници и именувани лица за 65 проценти. Претставниците на ЕУ директно избрани од граѓаните беа одговорни за само 1,8 отсто од сите именувања.