Италија прогласи вонредна состојба поради зголемениот број мигранти

Италија денес прогласи шестмесечна вонредна состојба за да се избори со порастот на бројот на мигранти кои во земјата стигнуваат преку Средоземното Море.

Владата ја одобри мерката на предлог на министерот за цивилна заштита Нел Мусумечи, објави државната новинска агенција АНСА.

„Да бидам јасен. Ова нема да го реши проблемот. Решението е можно само со свесна и одговорна интервенција на Европската Унија“, рече Мусумечи, пренесе ТРТ Балкан.

Како што истакна тој, тоа е феномен што досега не е забележан во земјата.

„Островите сами не можат да се справат со оваа вонредна состојба“, додаде тој.

Со воведувањето вонредна состојба можат да се спроведат побрзи процедури и работи за да им се понудат решенија на мигрантите во краток рок и со адекватни стандарди.

Во меѓувреме, италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека одлуката има за цел да овозможи поефикасни и навремени одговори за управување со протокот на мигранти.

Во последните недели, Италија бележи значително зголемување на бројот на мигранти и бегалци кои пристигнуваат на нејзините јужни брегови од Северна Африка, при што повеќе од 3.000 пристигнале само во последните три дена.