Камен темелник за автопатската делница Прилеп-Битола на Коридорот 10д

  Во Прилеп денеска ќе биде поставен камен темелник за автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д, една од четирите делници предвидени за изградба со Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. За останатите три автопатски делници на Коридорот 8  свеченоста се одржа минатиот месец. 

Во собраниската Комисија за европски прашања вчера почна расправата за измените на петте закони поврзани со изградбата на коридорите, што ги предложи Владата по скратена постапка со европско знаменце, со образложение дека со нив ќе се олеснат процедурите за поевтина и побрза изградба. 

Означувањето на законите со европско знаменце и натаму е предмет на дебата во јавноста, а опозициските пратеници критикуваат дека со тие закони не се врши  усогласување со европската легислатива.

Критиките за ова вчера првпат ги коментираше премиерот Димитар Ковачевски, кој вели дека законите за коридорите се со европско знаменце затоа што станува збор за  изградба на стратешки коридори и оти со нив ќе се овозможи побрза и поевтина изградба. 

-Станува збор за два исклучително важни коридора, но и за други стратешки инвестициски проекти кои се прават или ќе се прават во државата, во делот на патната, железничката или енергетската инфраструктура. Владата поднесе пет измени на закони, односно усогласувања, за да се овозможи побрза и поефикасна градба, но и градба со финансиска конструкција која ќе биде пониска од она што е со постојаната регулатива, изјави Ковачевски, при посетата на Штип.

Евроамбасадорот Дејвид Гир и вчера го повтори ставот дека  употребата на европското знаменце секогаш треба да се направи по претходна вистинска консултација помеѓу сите политички партии и тоа е за усогласување на европската легислатива.

Како што рече, многу често се употребува европското знаменце за закони за кои не е наменето.

-Се разбира имаме редовни контакти со Владата во врска со ова прашање, меѓутоа и со ред други прашања и секогаш сме подготвени да ја сослушаме Владата што има да каже во врска со ова и со други прашања што не засегаат сите нас. И што се однесува до самата опозиција ние сме во редовен дијалог и со неа за прашањата што тие ги покренуваат, изјави Гир. 

Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе испратат допис до европските институции со укажување во однос на злоупотребата на европското знаменце.

-Очигледно дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам. Но, доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на Парламентот е на брза лента, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата, изјави Мицкоски.

Во Комисијата за европски прашања почна претресот по амандамните поднесени од опозицискиата ВМРО-ДПМНЕ на предложените измени на Законот за работни односи, со кои се дефинира прекувремената работа при ангажман во изградбата на автопатите. Во пакетот законски измени за коридорите се и измените на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација.  Тие закони претходно беа предложени од група пратеници, а по блокадата во комисиите од опозициски пратеници, беа предложени повторно минатата недела овојпат на предлог на Владата со европско знаменце, а Собранието завчера ја усвои потребата за нивно носење по скратена постапка. 

Договорот со „Бехтел и Енка“,  стратешки партнер ангажиран со посебен закон и за проектирање и за изградба на автопатите, стапи во сила на 22-минатиот месец. Преку Јавното претпријатие за државни патишта веќе се префрлени  првите 117 милиони евра за  подготвителните активности во пресрет на градежните работи, а со Програмата за финансирање на делниците на коридорите за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра. Вкупната вредност на проектот, според првичните најави од Владата, ќе изнесува 1,3 милијарди евра, како и дополнителни 300 милиони евра за експропријација.