Кина започнува со изградба на пет хидроелектрани кои ќе минуваат и низ Тибет: Индија е загрижена од потегот
Кина во саботата започна со изградба на голема хидроелектрана на река што тече низ Тибет и Индија, а на церемонијата на отворањето присуствуваше премиерот Ли Ќијанг, објавија државните медиуми.
Во декември, Пекинг го одобри проектот на реката – позната како Јарлунг Цангпо во Тибет и Брамапутра во Индија – поврзувајќи ја со целите на земјата за јаглеродна неутралност и економските цели во регионот на Тибет.
„Произведената електрична енергија првенствено ќе се пренесува во други региони за потрошувачка, а воедно ќе ги задоволува локалните енергетски потреби во Тибет“, соопшти државната новинска агенција Ксинхуа по церемонијата на поставување камен-темелник во Њингчи, југоисточен Тибет.
Откако ќе биде изградена, браната би можела да ја надмине рекордната брана „Три клисури“ на реката Јангце во централна Кина – и да има потенцијално сериозно влијание врз милиони луѓе низводно во Индија и Бангладеш.
Проектот ќе вклучува изградба на пет хидроелектрани, а вкупната инвестиција се проценува на околу 1,2 трилиони јуани (167,1 милијарди долари), соопшти Синхуа.
Индија во јануари објави дека ѝ ја изразила својата загриженост на Кина во врска со проектот во Тибет, велејќи дека „ќе го следи и ќе преземе неопходни мерки за заштита на нашите интереси“.
„Кина е повикана да се погрижи интересите на државите низводно од Брамапутра да не бидат оштетени од активностите во областите низводно“, соопшти во тоа време индиското Министерство за надворешни работи.
Во декември, кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека проектот нема да има никакво „негативно влијание“ низводно од реката, додавајќи дека Кина „исто така ќе одржува комуникација со земјите низводно“ од реката.
Покрај загриженоста околу течението, екологистите предупредија и на неповратното влијание на ваквите мегапроекти врз еколошки чувствителната Тибетска висорамнина.
И Индија и Кина, соседи и ривалски азиски сили, делат илјадници километри спорни граници, каде што од двете страни се стационирани десетици илјади војници, пренесува АФП.