Кинеска компанија не смее да користи дизајнот налик британскиот „МИНИ“

– Кинеската компанија „Бејжинг естек технолоџи“ не доби можност да го користи дизајнот налик класичниот „МИНИ“ во производството на својот нов електричен автомобил, откако германски „БМВ“, фирма-сопственичка на британското возило, не дозволи.

Фирмата од Пекинг поднесе документи за патент до Државната канцеларија за интелектуална сопственост во мај минатата година, за автомобил што изгледа како „МИНИ“. Техничките подробности се скромни, но кинеските медиуми пишуваат дека автомобилот е замислен со електричен мотор поставен напред што ќе ги придвижува предните тркала. Скиците на патентот покажуваат дека новиот автомобил има отворено капаче за гориво како оригиналот, но најверојатно таму е сместен влезот за полнење на батеријата.

Сепак, „БМВ“ брзо ги уништи тие планови. Во јули 2022 година, оттаму поднеле барање за отфрлање на патентот и тој потег вроди со плод. Така, „Бејжинг“ останува без право на тој дизајн, но има право на жалба во рок од три месеци.

Сепак, истата канцеларија ѝ издаде патент на „Ора“ за нејзината „копија“ на „Бубата“ на „Фолксваген“. Меѓутоа, електричниот модел „Панк кет“ имаше најмалку пет врати и доволно суптилни разлики во дизајнот, додека возилото на „Бејжинг“ и премногу личи на „МИНИ“.