Клиника Жан Митрев: на порталот ДоказМ беше најавувано какви мерки ќе бидат превземени против клиниката

Откако во текот на вчерашниот ден скопското јавно обвинителство изврши претрес во домот на Марјан Стаменковски, сопственик на „ДоказМ“, денеска обвинителството излезе со детали за акцијата. Стаменковски е осомничен за повеќе кривични дела. Но, од соопштението се открива дека тој „соработувал“ и со истражителка која била ангажирана во Обвинителството.

-Во наведениот период додека во обвинителството се водеше постапката против осомничениот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него.

Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ.

Истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи, појаснуваат од Обвинителството.

Со соопштение во врска со информациите кои јавно биле објавувани на порталот ДоказМ се огласија и од клиниката Жан Митрев. Во соопштението под наслов „Порталот ДоказМ објавуваше барања, а Јавното обвинителство спроведуваше“, се наведува:

„Клиника Жан Митрев сака да ја информира јавноста дека во континуитет изминативе седум месеци болницата се соочува со координирани постапки од повеќе чинители со намера да се влијае на редовното работење на болницата.
Во неколку наврати на порталот ДоказМ се објавуваа текстови базирани на информации во предистражната постапка во кои беше најавувано какви мерки ќе бидат преземени против Клиниката Жан Митрев.
За овие индиции за поврзаност да бидат уште поочигледни, се случи токму тоа што го бараше ДоказМ во текстот на порталот со датум 15.11.2022, односно да се блокира сметката на Клиника Жан Митрев и да се забрани продажба на удели!
Три дена после објавата на овој текст на датум 18.11.2022 Јавното обвинителство донесува идентична одлука како бараната од Доказ М со која ја усвојува мерката и ја блокира сметката на Клиника Жан Митрев! (ОДЛУКАТА е во прилог на ова Соопштение)
Да потсетиме дека цели три недели сметката на Клиника Жан Митрев беше блокирана и со тоа се влијаеше на редовното работење на болницата. Одлуката беше обжалена, забраната тргната. Иако клиниката сега не е блокирана, можноста за повторно блокирање се уште постои поради тоа што судот ја врати одлуката на повторно разгледување.
Јавно прашуваме:
Како одлуките на една државна институција се случуваат врз база на она што го пишува порталот ДоказМ?
Дали и со каква позадина се пишувањата на ДоказМ, а поврзани со Клиниката Жан Митрев?
Дали некој сака намерно финансиски да ја уништи Клиниката Жан Митрев и нејзиното работење преку свесно блокирање на 90 милиони денари?
Кој стои зад овој организиран притисок и со намера за нанесување огромна штета на Клиниката Жан Митрев?
Дали целта на оваа хајка и операција е непријателско преземање на клиниката преку нејзино носење на раб на економски пропаст за да може да се преземе по багателна цена?
Дали некој е свесен во оваа држава дека дневно нашиот тим се бори за над стотина човечки животи?
Во контекст на задржување на транспарентноста и барање одговори, ќе бидат известени Хелсиншкиот комитет, Комисијата за заштита од дискриминација, како и Советот за етика во медиумите.
И, зошто се случува се ова да ги повториме бројките од важност за јавноста.
Да потсетиме дека од вкупниот број хоспитализирани пациенти од КОВИД-19 во земјата, само неполни 10% беа лекувани во клиничката болница Жан Митрев со успешност од 76,4% преживување. Од оние 280 лица кои се чувствуваат оштетени/измамени (по листата од ОЈО) 43% се преживеани лица, а починатите претставуваат 1,6% од вкупниот број починати во Македонија.“