Ковачевски – Абди: Децении соработка со УНИЦЕФ донесоа позитивни промени во Северна Македонија

– Премиерот Димитар Ковачевски, во Њујорк оствари средба со заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Омар Абди, со кого разговарале за севкупната соработка на Република Северна Македонија со УНИЦЕФ, која во 1993 година, беше една од првите две агенции на ОН што отвори канцеларија во земјата откако таа стана независна држава, информираше попладнево владината прес-служба. 

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека нашата држава придава големо значење на децениите на соработка со УНИЦЕФ, која придонесе за развојот на земјата и во време на криза оваа агенција внесе позитивна промена за генерации деца.

На средбата, стои во соопштението, заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Омар Абди, ја потенцираше исклучителната соработка со Владата во доменот на реформите во образованието, бидејќи се од суштинска важност за правилно поставување на темелите на просперитетот на земјата.

-Абди упату честитки во име на УНИЦЕФ за извонредниот напредок на земјата, постигнат во изминатите 30 години.  Изрази задоволство што УНИЦЕФ се партнери на Владата и ја реафирмираше подготвеноста за натамошна соработка и поддршка во реформскиот процес, информираат од Владата.

Ковачевски упатил порака и за понатамошна соработка и истакнал дека Владата во Северна Македонија ги препознава вредностите на УНИЦЕФ и е благодарна и дава поддршка во нејзините активности и иницијативи во сферата на детската заштита, образованието, социјалната заштита, следење на правата на децата, адолесцентите и младите.

На средбата присуствувала и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.