Ковачевски бара опозицијата да биде дел од уставните измени, Мицкоски вели дека промена на Уставот нема да има во вакви околности

Премиерот Димитар Ковачевски вчера од Охрид повторно ги повика опозициските партии да делегираат свои луѓе во работна група за уставни измени во која што ќе учествуваат експерти по уставно право формирана во Министерството за правда нагласувајќи дека сите треба да учествуваат во носење на одлуките важни за нашиот европски пат. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, исто така од Охрид, рече дека уставни измени во овој пратенички состав и во овие околности нема да има. 

Ковачевски во интервју за МИА рече дека тој не е политичар дојден да убедува или да разубедува некого за нешто, бидејќи сите треба да имаат јасна визија и одговорност во однос на одлуките коишто треба да се носат. Тој израи надеж оти и во опозицијата постои демократски капацитет, постојат луѓе коишто веруваат во европската иднина на државата.

– Постојат одлуки коишто се стратешки за државата, коишто сите политички партии треба да ги поддржат. Тоа низ примери на други држави е многу јасно направено во минатото. Еве да го земеме само примерот на Хрватска, или да го земеме примерот на Словенија коишто исто така носеа стратешки одлуки со широк државен консензус којшто не биле дел од дневната политичка дебата којашто се водела во тие општества и затоа брзо и квалитетно пристапиле кон Европската унија, вели премиерот.

Премиерот Ковачевски посочи дека уставните измени се процес којшто е пропишан согласно со Закон и Устав во нашата држава и дека сите треба да учествуваат во носењето на овие одлуки, вклучително и опозицијата.

– Во рамки на Министерството за правда е формирана работна грпа за уставни измени во која што ќе учествуваат експерти по уставно право, меѓутоа во која што ќе бидат повикани и експерти од опозициските партии да земат учество исто како што на првиот ден од отпочнување на преговорите во првата фаза на скринингот беа повикани претставници од опозицијата да учествуваат во сите работни групи, истакна Ковачевски.

Како што рече не е доволно само декларативно да се поддржува одредена цел, туку треба со чекори, со одлуки, со одлучност да се настапи и да се обезбеди европска иднина за сите наши граѓани.

Советот за стабилизација и асоцијација на вчерашниот состанок во Скопје, како што потсети Ковачевски, испрати многу јасни пораки за тоа дека нашата држава напредува во процесот на европските интеграции.

– Секако дека секоја држава која што пристапува кон ЕУ на тој пат има обврски коишто треба да ги исполни. Една од обврските која што е пред нас е секако усвојување на уставните амандмани коишто се дел од преговарачката рамка и коишто се само една од одлуките коишто треба да се носат со две третини во Собранието. Пред нас ќе има и други одлуки коишто се носат со две третини во Собранието, а тоа се однесува на реформи во владеење на правото, реформи во владеењето на демократските институции, реформи на јавната администрација, како и Акцискиот план за унапредување на малцинските права коишто и во моментов кај нас е на највисоко можно ниво споредувано со која било друга држава во Европа, рече Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој беше исто така во Охрид, изјави дека уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тој ова го кажа во коментар во однос на најавата на Владата за формирање на работни групи за подготовка на текстот на амандманите на Уставот.

– Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тоа што го прави власта е процес кој што на крајот ќе се удри во ѕид, односно ќе заврши неуспешно. Предупредивме дека за тоа што го превземаат како обврска од името на сите нас, не само што немаат кредибилитет, туку и не можат физички да го поминат. Тогаш се сеќавате правеа некакви реминисценции и потсетувања од времето на Преспа, но ги предупредивме дека е друго време дека ова не е времето кога можеа да се договараат со одредени уценети политички поранешни структури кои што за жал функционирале во ВМРО-ДПМНЕ. Такви нема сега повеќе, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека од власта доаѓале најави дека процесот на уставни измени ќе започне во септември-октомври 2022, а кога тоа не се случи потоа како темин најавувале кон крајот на годината во декември, па потоа во февруари, а сега го префрлаат тежиштето на мај-јуни.

– Тоа нема да се случи ниту во мај, ниту во јуни, затоа што ние имаме принципиелен став од самиот почеток. Создадоа проблем кој што не можат да го решат, создадоа проблем кој што сите ние го имаме и ако продолжат дополнително да го комплицираат ќе се треснат сите во една мртва улица, но за жал тоа ќе биде еден огромен проблем за сите граѓани и за Македонија како држава. Но, јас еве ви ветувам дека за сето ова што го прават ќе има и одговорност, веднаш откако новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста во владата, изјави Мицкоски.

Иранскиот министер за надворешни работи е поканет во Брисел, соопшти Европската унија денеска, со повик за „деескалација на тензиите“ во Заливот по американските воздушни напади во кои загина

Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел во петокот по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, порача дека иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани е во рамките на ЕУ, бидејќи само заедно сме доволно силни да се соочиме со предизвиците на тешкото геостратешко опкружување, а за да стигнеме во Унијата треба да продолжиме да одите напред и како држава и како општество.

– Да се оди напред значи да се продолжи со усвојување и имплементирање реформи коишто воведуваат европски стандарди и коишто носат конкретни политички и економски поволности за луѓето тука, истакна Борел на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји. 

Борел потенцира дека одењето напред подразбира и подобрување на односите со соседи, во кој пакет спаѓа и да се создадат услови за усвојување на уставните измени. 

Според него, оваа година е клучна по договорот од јули минатата година, кога, како што рече земјава ја доби „најдобрата зделка што можеше да ја добиете“ и не е реално да се очекува повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка. 

– На нејзина основа вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека, додаде Борел.

Високиот претставник Борел, одговарајќи на новинарско прашање дали во комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ ја поттикнува да даде поддршка за внесување на Бугарите во Уставот, рече дека „не сум само оптимист, туку и активист“. 

– Мислам дека мора да работиме за нештата да се случат. Северна Македонија се обврза дека ќе го смени својот Устав, во него да ги вклучува граѓаните кои живеат во границите на државата и кои што се дел од други националности, како што се Бугарите, изјави Борел. 

Според Борел, ништо од тоа не е чудно, посочувајќи дека и најмладата земја членка на ЕУ – Хрватска во својот Устав има најмалку 22 различни заедници. 

– Мислам дека вашата држава веќе дава одличен пример на мултиетничко општество. Поради тоа промената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет, а истовремено и ќе се напредне процесот на пристапување, рече Борел. 

Борел, уште еднаш нагласи, дека нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ.