Ковачевски: Иницијативите на Отворен балкан даваат резултати, продолжуваме со нови

Вкупната трговска размена меѓу трите земји од Отворен Балкан е зголемена за 25 проценти. Нашата трговска размена со Србија е зголемена за 50 проценти од формирањето на иницијативата, а за 40 проценти размената со Албанија, односно нашиот извоз. Тоа е најголем доказ дека оваа иницијатива е практична, заснована на економски принципи која работи за доброто на компаниите и за доброто на граѓаните. Новите иницијати кои ги започнуваме во рамките на Отворен Балкан, тоа се пред се иницијативи кои го олеснуваат движењето на луѓето, на услугите, стоките и на капиталот меѓу нашите три земји.

Ова го истакна за МИА премиерот Димитар Ковачевски во оценката за денеска одржаната трилатерална средба со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама во зградата на општина Бардолино во Италија непосредно пред посетата на саемот „ВинИитали“ во Верона, на кој трите земји се претставија на заеднички штанд „Винска визија на Отворен Балкан“ (Wine vision by Open Balkan“).

-Она што е пред нас е започнување со издавање на Опен Балкан ИД броевите со кои ќе може работниците слободно да се движат меѓу трите држави без административните процедури кои што постојат во моментов и поради кои што е потребно дури и до шест месеци за да се добие работна дозвола, пример ако граѓанин од нашата држава сака да се вработи во Србија или Албанија, но и граѓанин на Србија и Албанија доколку сака да работи кај нас. Тоа е платформа на која што се работи и која во текот на летните месеци ќе почне и оперативно да функционира, вели премиерот Ковачевски. 

На средбата станало збор и за иницијативата за воведување единствен електронски систем за наплата на патарините, нешто што беше тема и на средбата неодамна во Белград, а која исто така ќе го олесни движењето на патниците.

-Уште еднаш зборувавме за забрзување на протокот на граѓани и на возила, како и на трговска стока на границите меѓу Република Северна Македонија и Србија, а тоа е воведување на повеќе ленти на граничниот премин Табановце – Прешево, воведување на софтверски решенија за контрола на пасошите само на едно место, како и за воведување мобилни уреди со кои за 50 проценти ќе се забрза и зголеми протокот на граничниот премин, нагласи премиерот Ковачевски.

Во ноември, рече тој, ќе се одржи уште еднаш саем на вино во Белград на кој ќе бидат домаќини сите три држави, а и во Албанија и во Северна Македонија исто така ќе бидат организирани активности на ниво на трите земји.

-Разговаравме и за организирање на спортски игри, да ги доближиме младите, значи основните и средните училишта. И сето тоа дава потврда дека заедно сме појаки како држави во регинот, рече Ковачевски.

Тој изрази здоволство од заедничкиот настап на винариите од Северна Македонија, Србија и од Албанија на светски реномираниот саем во Верона.

-Денеска сум навистина горд што заедно со претседателот на Србија и премиерот на Албанија заедно сме во Верона на еден од двата најголеми светски саеми за вино, на кој по прв пат настапуваат заедно нашите винарии, а тоа немаше да биде можно без иницијативата Отворен Балкан. Ова е саем на кој присуствуваат најголемите и најпознати производители на вино од светот, а еден од најубавите штандови според оценките на сите присутни овде е штандот Винска визија на Отворен Балкан, рече Ковачевски.

Прашан дали можат македонските вина да се мерат со италијанските, по посетата на халите во кои беа претставени вина од различни региони од Италија, како земја која е во врвот по производство во светски рамки, премиерот задоволен од впечатокот.  

-Јас не сум експерт за вино, но оценките кои што ги дадоа сомелиерите кои се присутни тука, како и гостите кои беа на нашиот штанд, потврдуваат дека нашите вина се на највисоко ниво на квалитет споредено со другите вина од регионот, меѓутоа и од светот, бидејќи ова е навистина голем светски саем, и ние како држава можеме да бидеме горди и на нашите лозаропроизводители и на нашите производители на вина. Тоа е само уште една потврда дека ние практично сме втор најголем извозник на вино во регионот и 29-ти најголем извозник во светот со извоз од 60 милиони евра вино во текот на изминатата година, изјави Ковачевски.

Во однос на сугестиите кои што ги доби на саемот за уште повеќе да се унапредат работите во винската индустрија, Ковачевски меѓу другото нагласи дека системот на субвенции за производството на грозје и на вино, дава резултати и потсети дека е во подготовка нов закон за вино.

-Имаме систем на субвенции и систем на соработка со секторот за прпизводство на грозје и на вино, кој што од година во година го унапредува производството на грозје, го унапредува производството на виното, го зголемува квантитетот и квалитетот на виното. Тоа резултира прво со зголемување на количините за извоз, меѓутоа и со зголемување на учеството на флаширано вино во вкупниот извоз на македонско вино во странство, порача премиерот Димитар Ковачевски.