Ковачевски – Калас: Поддршката на Естонија за зајакнување на дигиталната трансформација

Северна Македонија многу ја цени поддршката од Естонија во споделувањето на своето искуство и знаење во дигиталната трансформација, што се очекува да го забрза развојот на електронските услуги што ги обезбедува јавната администрација во земјата, рече премиерот Димитар Ковачевски на неговата средба со естонската премиерка Каја Калас на маргините на 59-та Минхенска безбедносна конференција.

Како што соопштија од Владата, на средбата на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, премиерот Ковачевски се заблагодари на владата на Естонија за силната и гласна поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија.

Ковачевски-Калас Минхен

Двајцата премиери порачаа дека Северна Македонија и Естонија, како сојузници на НАТО, ќе продолжат активно да придонесуваат за Алијансата за зачувување на мирот и безбедноста на европскиот континент.

Размениле мислења и за влијанието на актуелните геополитички предизвици врз интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

Премиерот Ковачевски ја истакна посветеноста на Владата на скрининг-процесот како и посветеноста на обединувањето на сите политички чинители околу членството на земјата во ЕУ. Тој, исто така, го покани премиерот Калас да ја посети Северна Македонија.