Ковачевски повика на политички консензус за континуитет на преговорите со ЕУ

– Годинава мора да имаме и политички консензус со кој ќе обезбедиме континуитет на процесот на преговори со ЕУ. Од клучна важност е да имаме успешни уставни измени и одржување на втората меѓувладина конференција. Оваа година, мора и треба да биде година на обединување околу европската перспектива и каде државата ќе се движи во следните десет години, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница зборувајќи за текот на скринингот на институциите од страна на Европската комисија.

Како што нагласи премиерот, текот на скрининг процесот се одбива со предвиденото темпо и ние како држава мораме да ја задржиме оваа динамика во текот на целиот процес на преговори со ЕУ.

– Завршен е билатералниот скрининг за Кластер 1 – Фундаментални вредности, а започнат е билатералниот скрининг за Кластер 2 – Внатрешен пазар со скрининг состанок за Поглавјето 3 -Право на основање и слобода на давање услуги, кој во понеделникот се одржа во Брисел. Досега коментарите од страна на ЕК се одлични, рече премиерот.

Ковачевски, одговарајќи на прашање на пратеничката Лидија Тасевска од СДСМ, посочи дека работиме на усогласување на легислативата, но уште поважно и на зголемување на конкурентноста со цел што побрза транзиција кон единствениот европски пазар за што овој кластер е посебно важен. Во него се содржи усогласувањето со четирите основни слободи, односно слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал.

– Што е најважно ние ги следиме препораките и укажувањата на Извештајот на Европската комисија и генерално за поглавјата од овој кластер имаме умерена подготвеност. За голем дел од поглавјата веќе имаме отпочнато процеси кои ќе го забрзаат процесот како системскиот закон за работни односи, интегрираниот интеграциски систем за управување со јавните финансии, како дел од Законот за буџети што беше донесен пред извесно време, Законот за сметководство, што неодамна беше усвоен, реорганизацијата на јавниот сектор, рече Ковачевски.

Првичните коментари, како што рече, од сите вклучени страни се позитивни, но сепак клучните укажувања ќе ги добиеме во скрининг извештаите кои очекуваме да бидат подготвени што е можно побрзо од ЕК и одобрени од Советот.

– Во наредните три до четири месеци очекуваме да го добиеме скрининг извештајот за Кластер 1, а тоа ќе ни помогне во подготовката за патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, рече премиерот Ковачевски.

Кога велам, додаде тој, дека уставните измени се една од одлуките до полноправно членство во ЕУ, тука пред се мислам на одлуките кои треба да се носат во ова Собрание до полноправно членство, а кои се со иста тежина и се однесуваат на владеење на правото, реформите на јавната администрација и функционирањето на демократските институции.

Дополнително, според Ковачевски, во рамки на патоказот за владеење на правото ќе треба да подготвиме и акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование.

Во координација со ЕУ, се подготвува и реформски план, а Ковачевски ја потенцираше и помошта што ја добиваме од фондовите на ЕУ за спроведување на европските реформи, како и билатералната европска помош.

– Со потпишувањето на финансиската спогодбата за ИПА 3 за 2021 година која треба да се случи на крајот на јануари во износ од над 90 милиони евра ги засилуваме реформите важни за евроинтеграцијата, за правосудниот систем, за антикорупциската политика, за животната средина и за зелената агенда, рече премиерот.

Владата е одлучна да ги спроведе сите неопходни реформи со цел да станеме кредибилен член на европското семејство.
– Ова е наша историска можност која ја чекавме долго и сега кога имаме можност не смееме да ја пропуштиме. Преговорите со ЕУ се можност од темел да се трансформира и реформира нашата држава, на нашите граѓани да им овозможиме европски услови за живот и работа и тоа тука дома, истакна Ковачевски.